Рустеми: ДУИ е задоволна што продолжува изградбата на Коридорите, и покрај тоа што истото се спроведува од Влада без етнички легитимитет

од Nikola Popovski
48 прегледи

Поранешниот директор на ЈПДП и член на ДУИ, Ејуп Рустеми апелира за изградба на тунелот на патниот правец Гостивар-Букојчани, оценувајќи го како најсоодветно решение за изградна на Коридорот 8. ДУИ бара предвидените средства за овој проект да се искористат според планирањето и без непотребни пречки и одложувања.

Рустеми е дециден дека „проектот го носи печатот на ДУИ и нивната посветеност за подобра иднина на државата“.

-ДУИ изразува задоволство што продолжува изградбата на Коридорите, и покрај тоа што истото се спроведува од Влада без етнички легитимитет. Ова само го потврдува нашиот стабилен и визионерски пристап и долгорочните политики за напредок на земјата и за изградба на модерна патна инфраструктура. Не можеме да не истакнеме дека тие кои што до вчера жестоко се спротивставуваа на овој проект и се закануваа со негово поништување, денеска велат дека е историски проект, кажа, меѓу другото тој на прес-конференција.

Од друга страна, СДСМ му забележа на премиерот Христијан Мицкоски дека едно зборувал додека бил во опозиција, а друго сега, кога е власт. Оттаму како пример го зедоа договорот со „Бехтел и Енка“, кој ВМРО-ДПМНЕ го нарече историски криминал, а сега, како што велат социјал-демократите, власта признава дека е добар за државата.

„Додека СДСМ ги поставуваше темелите на најголемиот инфраструктурен проект во независна Македонија, ВМРО неосновано напаѓаше, критикуваше, обвинуваше, блокираше закони во Собранието, сѐ со цел да го забави инфраструктурниот раст и развој на државата“, изјави пратеникот на СДСМ, Благој Бочварски.

Од новата влада не е започнато ништо досега, а од друга страна единствените нивни активности на терен ги гледаме на проектите што ги работела претходната влада, велат од СДСМ.

Слични содржини