Тен Хаг не успеа да изгради стил и идентитет во Манчестер Јунајтед, изјави Гери Невил

од Vladimir Zorba
234 прегледи

Ерик тен Хaг не успеа да воспостави стил во Манчестер Јунајтед и тоа е коренот на проблемите на рекордерите по бројот на титулите во Премиер лигата, изјави поранешниот капитен на тимот и стручњак на Sky Sports, Гери Невил. Холанѓанецот доби отказ во понеделникот и го напушта клубот на 14. место во Премиер лигата.

„Јунајтед нема идентитет и стил. Оваа работа е мистерија веќе две и пол години. Трансфер политиката на моменти беше трагична, но мислам дека оваа група на играчи може да игра и подобро од она што го гледаме во моментов“, порача Невил за Sky Sports.

„Најголемиот проблем е недостатокот на стил. Понекогаш е многу тешко да се гледаат и ништо не се променило во последните 18 месеци. Тоа е голем проблем, како и резултатите“.

Според Невил, Тен Хаг бил со една нога надвор од „Олд Трафорд“ по поразот со 3-0 против Тотенхем во септември. Ова беше втор последователен пораз за Јунајтед на домашен терен со три гола разлика, откако „црвените ѓаволи“ загубија катастрофално и од големиот ривал Ливерпул.

„Натпреварот со Тотенхем беше пресвртница и после тоа клубот почна да размислува за нов менаџер“, изјави Невил.

„Можеби се надеваа дека нивниот сегашен тренер ќе ги сврти работите, но 99 пати од 100 тоа не се случува. Потоа ќе почнете да гледате кого можете да донесете и дали времето е вистинско. Мислам дека решија да го направат тој потег пред неколку недели и така стигнавме до акцијата во понеделник. Мислам дека процесот на замена на Тен Хаг трае долго време“.

„Се враќам на натпреварот против Тотенхем пред неколку недели бидејќи тоа што се случи таму не е без преседан. Беше многу тежок ден за Манчестер Јунајтед и многу лош ден за Ерик тен Хаг. После тоа работите почнаа да се влошуваат и во неделата (против Вест Хем) ситуацијата стана неподнослива, пропуштија премногу можности и требаше да имаат два-три гола на полувремето. Управниот одбор на Јунајтед го отпушти поради резултатите и лошиот настап. Никој не е шокиран“.

Руд ван Нистелрој, поранешен напаѓач на Јунајтед, ќе биде привремен менаџер на Јунајтед додека не биде назначен постојан тренер. Невил е категоричен дека неговиот поранешен соиграч нема да има време да менува многу.

„Што може да направи? Тој може да ги подреди поинаку, но тој беше на клупата покрај Ерик тен Хаг. Би бил шокиран доколку има некоја драстична промена во следните неколку дена”, додаде аналитичарот на Sky Sports.

„Овие играчи имаат многу работа да завршат. Тој ќе даде се од себе и знам дека можат повеќе. Можеби ќе биде најдобро за нив да играат со тројца позади, што ќе им даде поголема удобност. Но дали Руд ќе го направи тоа, немам поим“.

Слични содржини