Мицкоски да го исполни ветувањето за намалување и ревизија на функционерските плати, побараа социјалдемократите

од Nikola Popovski
19 прегледи

СДСМ се огласи со реакција по најавите на премиерот Христијан Мицкоски дека нема повеќе да има зголемување на платите на функционерите. Според партијата, „Мицкоски од време на опозиција не го познава Мицкоски од власта“.

СДСМ потсетува на изјава на премиерот од ланската година.

-Во интервју за Сител Телевизија на 17.08.2023 година, Мицкоски ќе вети пред граѓаните дека ќе ги ревидира и ќе ги намали платите на фунционерите доколку граѓаните му да ја дададат довербата, за што ќе предложат и конкретен закон.

Еве Мицкоски е премиер, поминаа 4 месеци како ја предводи Владата, нема ниту збор за ветеното намалување и ревизија на платите на функционерите.

СДСМ очекува Мицкоски да го исполни ветувањето за намалување и ревизија на платите на функционерите, порачаа социјалдемократите.

Претседателот на Владата денеска информира дека од следната година функционерските плати нема да се зголемат. Според него, тоа ќе се направи преку корекција на коефициентите на платите.

-Не знам како е, треба да видат одговорните лица. Едно е сигурно, покрај онаа работа дека еден ден сите ќе заминеме од овој свет, е дека од догодина нема да има зголемување на платите на функционерите, кажа Мицкоски пред почетокот на Првата годишна конференција на „Блумберг Адрија“ во Скопје насловена: „Back to business: Економски потенцијал и развојни можности за Македонија“.

Зголемувањето на платите за 78 отсто на над илјада функционери се случи со одлука Уставниот суд во март 2023 година за укинување на членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, со што се одмрзнаа платите на функционерите, кои што од 2014 година беа фиксирани.

Оттогаш, основицата е просечната плата остварена во претходната година што ја утврдува Државниот завод за статистика.

Слични содржини