Коментирајќи го писмото на првиот човек на ДУИ, Али Ахмети до премиерот Христијан Мицкоски, лидерот на Движењето БЕСА, Билал Касами смета дека шефот на интегрaтивците се однесува како „разгалено дете“. Касами му порача на Ахмети дека мора да ја реформира партијата од луѓето кои ја воделе до опозиција.
„Жал ми е што Али Ахмети после повеќе од 4 месеци не разбра дека е во опозиција и дека треба да се однесува како опозиција, што значи реформирање на неговата партија. Уште понатака се однесува како разгалено дете за сите други да се виновни, само не луѓето околу него кои го донесоа во опозиција. Му предлагам да направи добра реформа на партијата и да се подготви за следните избори“, рекол Касами.
Писмото на Ахмети има геостратешки осврт, но и обвинување дека уставните судии кои ги избраа СДСМ и ДУИ спроведуваат програма на ВМРО-ДПМНЕ.
-Не ми паѓа на памет, како што бара Ахмети, да интервенирам кај судиите бидејќи нивните одлуки можеле да ја дестабилизираат државата, изјави премиерот Христијан Мицкоски, откако го прочитал дописот од лидерот на интегративците.
Екс-министерот од ДУИ, Крешник Бектеши пак, во писмото на неговиот лидер не гледа никакви закани, но коментира дека со укинувањето на балансерот, Уставниот суд ја скратил можноста на граѓаните да се изјаснат за нивната етничка припадност.
Ахмети претходно испрати осум писма до меѓународните лидери. Во нив тој ги информирал дека загрозени се историските достигнувања на Албанците во Македонија. Во писмото Ахмети укажува и на, според него, прекршувањето на принципите на Охридскиот договор во однос на формирањето на политичкото мнозинство без праведна застапеност на етничките заедници по последните избори.
Ваквата реакција на ДУИ следеше по одлуката на Уставниот суд за укинување на балансерот. Од коалицијата ВЛЕН со став дека ДУИ и понатаму се обидува да врши притисок врз највисоките судски инстанци преку своите инсталации во сите правосудни органи.