Лидерот на Левица и пратеник во Собранието, Димитар Апасиев информира дека во кулоарите се зборува како ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН имаат џентлменски договор да не си се мешаат во ресорите од Владата.
Апасиев прашува: „Кој нормален човек верува во конкурс во оваа држава? Освен во некој приватен сектор…“.
-Сега од чистач преку магационер до се мора да помине низ месниот комитет. До мене стигнуваат срамни податоци дека ако си женско ти бараат противуслуги… Ова е мизерно што го живееме. И сега се правиме ние „ама Апасиев пцуел“. Тогаш ете гласајте ги овие што крадат. Доаѓаме до ниво каде што веќе бонтонот е лицемерен и ништо не функционира, кажа лидерот на Левица во емисијата на „Слободен печат“.
За ситуацијата во Собранието, пратеникот тврди дека неговите колеги од Левица „имаат оган во нив и ако го споредиме со оној на СДСМ, тоа е како чкорче кое гори“.
-Конечно планираме да станеме доминантни во левиот спектар, за да понатаму се пресметаме со десницата која ќе биде многу јака со овие сите финансии, унгарски кредити и мајндсетот кој го имаат. Овие се посилеџии, десницата е магарето во политиката, за разлика од СДСМ кој што е змијата. Не сум оптимист дека десницата ќе биде здрмана. Десницата знае да владее и секогаш се покажала како… Го има тој момент кај народот „Дај бе крадат, ама барем градат“. Го имаат тој момент преку успешен пи-ар. Делува дека нешто прават, а всушност си ги полнат џебовите, рече Апасиев.
Претседателот на Левица е уверен дека ќе се спроведат уставните измени и внесувањето на Бугарите во Преамбулата, но без неговата партија, затоа што вели, ќе застанат против.
-Нема да поминат до локалните избори затоа што тоа ќе го дупне балонот на ВМРО-ДПМНЕ како народна партија. Понатаму ќе следуваат, власта е слатка и гледате дека се што порекнуваа во кампањата и пред тоа, сега го слават како чудо на дипломатијата за Преспанскиот договор или сега за „Бехтел и Енка“ се сечат ленти. Не им верувајте на овие мејнстрим политичари. Пазете за кого гласате, оценува Апасиев.