OpenAI влегува во трка за договори во воената индустрија

од Vladimir Zorba
7 прегледи

Компанијата зад познатиот ChatGPT сега соработува со владиниот подизведувач Carahsoft, кој им помага на технолошките компании да понудат софтвер на Пентагон. Но, компанијата Carahsoft исто така беше под истрага на ФБИ поради нејзините деловни практики, а употребата на вештачка интелигенција во војската е сè уште прилично „лизгава“ и „неосветлена“ област.

Претходно оваа година, OpenAI тивко ги отстрани забраните за користење на производите на компанијата за „војска и војување“ од условите за користење. Извршниот директор Сем Алтман и неговите менаџери ги отворија вратите на компанијата за проекти за одбранбената индустрија. Компанијата оттогаш отвори партнерство со Carahsoft, владин подизведувач неодамна обвинет за договори за местење цени за Министерството за одбрана.

На својата веб-страница, Carahsoft го додаде OpenAI во таканаречената програма за „менаџмент на договори“ со Министерството за одбрана, наречена CHESS. Тоа е метод што го користи владата за брзо и без преголем административен товар да купува услуги од приватни компании. Тоа му овозможува на Carahsoft брзо да обезбедува технолошки услуги на Пентагон од долгата листа на технолошки компании. Ги вклучува и Google, Microsoft и HP. Армијата го опишува CHESS како „примарен извор на Армијата за комерцијална ИТ“. Ја поедноставува употребата на технологии без потреба од дополнителни преговори или бирократски процеси.

Отворени прашања за употребата на вештачката интелигенција во војската

OpenAI потврди дека е додаден во CHESS уште во мај, веднаш по почетокот на соработката со Carahsoft. Преку оваа програма компанијата досега нема соработувано со Министерството за одбрана. Но, Carahsoft ѝ помогна да освои некои други владини договори. Во текот на минатата година, Carahsoft продаде лиценци за ChаtGPT во вкупна вредност од 108.000 долари на НАСА. И 70.000 долари во неименувани лиценци OpenAI за Националната уметничка галерија, според документите анализирани од Форбс. Во септември, компанијата потпиша договор од 100.000 долари со американското Министерство за земјоделство. Договорот е за пристап до неколку платформи за вештачка интелигенција за големи јазични модели, но тие не наведоа кои од нив.

Додавањето OpenAI на листата на снабдувачи ја отвора вратата за едноставно работење со Министерството за одбрана. Но, тоа се случува во време кога има се погласни прашања не само за употребата на вештачката интелигенција во армијата. Дури и за деловните практики на самата Carahsoft.

Од своето основање во 2004 година, Carahsoft стана еден од најпрофитабилните владини технолошки подизведувачи. Делува како врска помеѓу некои од најголемите светски технолошки компании и владините канцеларии на локално или федерално ниво. Компанијата им помогна на тие канцеларии да користат производи од компании како Amazon, Google или Salesforce. На чело е основачот и милијардер Крег Абод, а компанијата ги опслужува речиси сите гранки на федералната влада.

Сепак, нивниот убедливо најголем клиент е Пентагон. Официјалните владини документи покажуваат дека фирмата има добиено договори во вредност од 5,63 милијарди долари само од Министерството за одбрана во изминатите 18 години. Следниот најголем клиент е Министерството за здравство, со договори во вредност од 1,47 милијарди долари. Компанијата, исто така, склучува технолошки договори со локалните власти и федералните агенции. Нема податоци што би ја илустрирале големината на тој бизнис. Carahsoft е рангирана на 45-то место на листата на Forbes за најголеми приватни компании во Америка. Минатата година оствари приход од околу 16 милијарди долари.

Сериозни обвинувања

Сепак, компанијата се најде на насловните страници минатиот месец – и тоа не на добар начин – кога нивните канцеларии беа нападнати од ФБИ од неоткриени причини, според извештаите. Во тоа време, Carahsoft изјави дека соработуваат во истрага која се однесуваше на „компанија со која Carahsoft соработувала во минатото“. „Блумберг“, исто така, објави дека владата ги тужела Carahsoft за наводно заговор со SAP за лажирање договори што ги натерало да наплаќаат премногу на Министерството за одбрана. Carahsoft допрва треба да го коментира случајот, а правните досиеја се уште се запечатени.

Ова не е прв пат Carahsoft да се најде под лупа на правниот систем. Во 2015 година, фирмата, заедно со компанијата за облачни компјутери WMWare, се согласи да плати казна од 75 милиони долари за да ги реши обвинувањата дека и пренаплаќала на владата. Тие се изјаснија за невини.

OpenAI почна да работи на своите врски со Пентагон кон крајот на минатата година, кога инвестираше 200.000 долари за да лобира во Одделенијата за одбрана и домашна безбедност, објави тогаш Форбс. Фирмата, исто така, соработува со американската војска за да развие алатки кои можат автоматски да ги поправат пропустите на системот и да спречат сајбер напади, пишува Блумберг.

Додворување на владините агенции

Покрај својата работа во одбраната, OpenAI се чини дека активно ги обиколува владините агенции преку настани и вебинари кои Carahsoft помага да се организираат. Во мај, OpenAI одржа вебинар каде што им покажа на локалните и федералните службеници како да го користат ChatGPT за да ја подобрат продуктивноста на вработените.

Во демонстрацијата објавена на веб-страницата на Carahsoft, шефот на владината продажба на OpenAI, Фелипе Милон, рече дека моделите на компанијата стануваат сè поинтелигентни, тврдејќи дека новата генерација модели ќе биде 100 пати поспособна од моделите што моментално ја формираат основата на ChatGPT. За време на демонстрациите, вработените во компанијата покажаа дека моделите на компанијата може да се користат за анализа на податоци, преводи и пишување на првите нацрти на политички меморандуми.

Се чини дека Carahsoft се вклучува во индустријата за вештачка интелигенција и преку други стартапи. Scale AI, фирма од 14 милијарди долари која обезбедува податоци и софтвер за обука на модели со вештачка интелигенција, е наведена во договорот CHESS на Carahsoft. Неколку стартапи за вештачка интелигенција изјавија за Форбс дека и тие ги користат Carahsoft за да започнат да работат со владата. Меѓу нив е стартапот Codeium за програмирање со вештачка интелигенција, како и стартапот Thread AI за инфраструктура за вештачка интелигенција и Resemble AI, кој развива алатки за откривање „дип фејк“ аудио снимки.

Извршниот директор на Resemble AI, Зохаиб Ахмед, вели дека соработката со Carahsoft започнала пред околу три месеци. Моделите на неговата компанија веќе се користат од агенциите за спроведување на законот и разузнавањето во САД и ширум светот. Тој се надева дека врската со Carahsoft ќе и помогне на неговата компанија да допре до повеќе владини агенции.

„Стартапите обично имаат проблем да ги донесат своите технологии во јавниот сектор“, вели тој за Форбс. „Ако контактирате со која било агенција и ја спомнете Carahsoft, барем тие знаат за што и за кого зборувате“.

Слични содржини