Писмата на Ахмети: Почеток на сценариото за дестабилизација или пукање со „ќорци“ од опозиција?

од Nikola Popovski
474 прегледи

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети испрати писмо до премиерот Христијан Мицкоски, но и до останати европски и балкански лидери, како и професори и меѓународни експерти. Смета дека поради најновите политички и уставни случувања се загрозуваат постигнувањата на Охридскиот договор. Според Ахмети, Уставниот суд планира да ги укине основните одредби на Законот за употреба на јазиците, а зборува и за одлука за забрана на идентификацијата на етничката припадност на граѓаните во државните институции.

-Овие интервенции ја загрозуваат основата на мирот и еднаквоста, враќајќи нè во условите пред 2001-та година, кои беа причина за кризата и војната, напиша Ахмети.

Колкава е моќта на писмата на ДУИ?

Дел од аналитичариве во земјава сметаат дека на писмата на лидерот на ДУИ им претходеа политичките случувања, континуираните реакции на оваа партија и средбите со граѓаните. Според новинарот и политички аналитичар, Дритон Зенку, постапките на ДУИ имаат причина, но и опозициска политика. Во разговор за „Локално“ истакнува дека опозицијата мора да има своја агенда.

Дритон Зенку

-Појавена е загриженост не само од опозициските партии туку и на дел од населението. На средби со граѓаните, но и содржината на писмата на Ахмети, зборуваат за загриженост и сензибилизирање на националниот и меѓународниот фактор. Ахмети и ДУИ артикулираат загриженост, кои се чувствуваат меѓу електоратот. Но, политиката има сенс на претерување, смета Зенку.

Соговорникот тврди дека содржината на писмата на Ахмети има две артикулации: истакнување на проблемите и алармирање на релевантните фактори.

-Во овие писма не се поставуваат ултиматуми и не се споменуваат дејствија кои водат кон дестабилизација. Кулминација на активностите на ДУИ можат да бидат мирни протести и најекстремно престанок на мандатите на пратениците, градоначалниците и советниците во општините. Верувам дека ДУИ не би направила некоординирани потези со меѓународниот фактор. ДУИ, во изминатиот период, докажа координација со меѓународниот фактор за секое политичко движење, оценува Зенку.

Зеќирија Ибрахими, лидерот на партијата Алтернатива, членка на коалицијата ВЛЕН со свое видување на писмото на лидерот на ДУИ. Тој гледа со иронија кон Ахмети.

Зекирија Ибрахими

-Ќе беше добро во своето писмо до „сојузниците“ Али Ахмети да им објаснеше како и зошто го сменил Кривичниот законик, шверцувајќи го под европско знаме, но да им објаснеше и како станал неговиот внук сопственик на трговскиот центар ‘Соравија’ во центарот на Скопје без да вложи ниеден цент, коментира Ибрахими.

Претседателот на Алтернатива со посебен коментар се осврнува на писмата на лидерот на ДУИ.

-Кога ѝ изгоре опашката на лисицата, таа помислила дека завршил целиот свет. Тажачката за владата и стравот од правдата имаат име, додава Ибрахими во својата кратка изјава.

Христијан Мицкоски

Писмото на Ахмети има геостратешки осврт, но и обвинување дека уставните судии кои ги избраа СДСМ и ДУИ спроведуваат програма на ВМРО-ДПМНЕ. Не ми паѓа на памет, како што бара Ахмети, да интервенирам кај судиите бидејќи нивните одлуки можеле да ја дестабилизираат државата – изјави премиерот Христијан Мицкоски, откако го прочитал дописот од лидерот на интегративците.

Екс-министерот од ДУИ, Крешник Бектеши пак, во писмото на неговиот лидер не гледа никакви закани, но во интервју коментира дека со укинувањето на балансерот, Уставниот суд ја скратил можноста на граѓаните да се изјаснат за нивната етничка припадност.

Писмата кои Ахмети ги испраќа не се во интерес на граѓаните. Ахмети треба да работи на реформирање на ДУИ, директна порака од лидерот на БЕСА и член на коалицијата ВЛЕН, Биљал Касами.

Даниел Сервер, експерт за Балканот од Универзитетот „Џон Хопкинс“ е еден од примателите на писмата што лидерот на ДУИ, но и еден од ретките кој даде свој коментар. Сервер во својот одговор вели дека проблемите што Ахмети ги наведува во писмата не се работа на некој однадвор туку за нив треба да одлучат граѓаните на Македонија, а не некој однадвор. За јазикот Сервер вели дека нема дилеми во врска со ова прашања и дека Охридскиот договор е кристално јасен по ова прашање. Сервер го коментира и балансерот за кој вели дека и без прецизирање на етничката линија пак ќе се вработуваат лица по етничка линија.

Писмата се испратени до претседателот и премиерот на Република Албанија, Бајрам Бегај и Еди Рама, претседателката и премиерот на Република Косово, Вјоса Османи и Албин Курти, претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, канцеларот на Германија Олаф Шолц, претседателот на Франција, Емануел Макрон, како и до државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.

Н.П.

Слични содржини