Сиљановска не брза со новиот состав на Комисијата за помилување: Верувам дека луѓето и кога се во затвор, се луѓе

од Nikola Popovski
44 прегледи

Составот на Комисијата за помилување не даде отказ, туку си поднесе оставка од лични и професионални причини, информира шефицата на државата, Гордана Сиљановска-Давкова по напуштањето на должноста од претходните членови во Комисијата за помилување.

Претседателката вели дека се во разговори за нови членови на Комисијата. Истакна дека никогаш брзо не ги прави работите.

-Треба сите профили да бидат вклучени, за да може на крајот на тој процес на помилување, кој почнува во судот, а завршува со потписот, да биде успешен. Разговараме со експерти, луѓе од невладин сектор. Што се однесува со средбата, таа беше неколку пати закажувана и одложувана заради други настани. Мислам дека е добро време да се слушнат мислењата на сите претходни членови на комисиите, за потоа да видиме какви се нивните искуства, сознанија и во кој правец треба да бидат промените, кажа Сиљановска-Давкова како одговор на новинарски прашања.

Според неа, за дел од контроверзните лица кои се најдоа на последната листа со помилувани, се воделе од филозофијата за заштита на човековите права.

-Верував и се уште верувам дека луѓето и кога се во затвор, се луѓе. Можеби се расчовечиле во одредени моменти, но не треба да заборавиме дека тие се граѓани, гласаат и затоа постои правото на помилување. Секој треба да добие шанса за социјализација и ресоцијализација. Судот е должен кога го креира досието за осудениот и оној што бара помилување да ги наведе сите релевантни акти. Ниту јас, ниту Комисијата, ниту Правда не сме истражни органи, додаде претседателката.

Слични содржини