Екс-директорот на скопската зоолошка, Ѓорги Галетановски е назначен да раководи со градската организација на СДСМ во Скопје. Веста ја објавија од најголемата опозициска партија.
-Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска го назначи Ѓорѓи Галетановски за нов Претседател на Градската организација на СДСМ Скопје. Ѓорѓи е млад и амбициозен човек, со свежи идеи и желба за работа, со успешен професионален ангажман зад себе. Веруваме дека ќе донесе нова енергија во работата и функционирањето на Градската организација на СДСМ, стои во соопштението од партијата на Филипче.
Галетановски претходно аплицираше на јавниот повик за нов директор на скопската Зоолошка градина. Тој најави дека ќе поднесе тужба против Град Скопје бидејќи и два месеца по завршувањето на огласот за директор на ЗОО Скопје, огласот сè уште беше отворен, иако беа поминати сите законски рокови за жалби.
Галетановски си замина од функцијата во ЗОО Скопје во периодот кога на чело на градот дојде градоначалничката, Данела Арсовска. По секое немило случување во Зоолошката, редовни беа јавните апели на социјалните мрежи за враќање на Галетановски на функцијата директор.