Штедните влогови на граѓаните на рекордно високо ниво, најмногу се штеди во денари

од Vladimir Zorba
151 прегледи

Според најновите податоци кои Локално ги обезбеди од Македонската банкарска асоцијација, штедните влогови на граѓаните заклучно со септември 2024 изнесуваат  372 милијарди денари или 6 милијарди евра.

Според МБА штедните влогови бележат највисок годишен раст во последните три години за 11,2 %. Во однос на тоа дали штедат во денари или евра, МБА вели дека  учеството на депозитите во денари изнесува 51,1%.

Каматните стапки на штедењето постојано бележат опаѓање во последниве неколку години, но, и покрај ваквата тенденција, граѓаните се решаваат да вложуваат во банките.

Ова од друга страна, не значи дека паралелно не се менува начинот на штедење,  односно наместо банкарското штедење Македонците се повеќе  се одлучуваат за инвестирање во акциии или пак во државна обврзница. 

„Да, трендот на штедење и инвестирање во Македонија забележува промени, особено во последните години. Многумина се одлучуваат за инвестиции во акции или државни обврзници, бидејќи тие нудат потенцијал за повисоки приноси во споредба со традиционалното банкарско штедење. Сепак, граѓаните сè уште претпочитаат банкарски депозити поради сигурноста на банкарскиот сектор и гарантираните приноси како и заштитата на средствата преку Фондот за осигурување депозити“, велат од Македонска банкарска асоцијација.

За инвестицискиот советник Коста Костадиновски, фактот дека депозитите на граѓаните се во постојан пораст е позитивен за целокупниот финансиски систем, но од подеднаква важност е и тоа дека континуирано се зголемува бројот на оние кои се одлучуваат за алтернативни начини кои обезбедуваат значително повеќе приноси.

Се повеќе се зголемува инвестирањето во портфолио од акциии, вложување во инвестициски фондови. Просторот за развој на овие продукти е сеуште огромен, бидејќи според статистиката, бројот на луѓето кои вложуваат на овој начин е сеуште мал во споредба со оној од земјите во Европска Унија“, вели Костадиновски за „Локално“.

Коста Костадиновски

Коста Костадиновски

Во оваа насока тој ги посочува предностите.

Штедењето преку акции обезбедува значително повеќе приноси, а паметното инвестирање во акции значително ја победува инфлацијата“, објаснува Костадиновски.

Според професорот Здравко Савески, инаку научен соработник на Институтот за општествени и хуманистички науки, работите сепак не се еднонасочни. Укажувајќи на се  позагрижувачката економска ситуација и степен на сиромаштија до државата, за Локално ја образложува актуелната ситуација во која покрај депозитите, континуирано растат и кредитите на  македонските граѓани.

Здравко Савески

Здравко Савески

Од 2013 до 2023 година, кредитите пораснаа од 93 на 228 милијарди долари, а пораснаа и депозитите од 259 на 534 милијарди денари. Оваа противречност или „нелогичност“ на истовремен драстичен пораст и на кредитите и на депозитите веднаш се разјаснува ако се земе предвид дека не се исти луѓето што земаат кредити и што вложуваат депозити. Општо земено, луѓето од ниската и средната класа сѐ повеќе тонат во кредити, а луѓето од богатата класа акумулираат богатство во свои раце, што се одразува во зголемувањето на нивото на вкупни депозити. А тоа што вкупните депозити се повеќе од двојно поголеми од вкупните кредити кажува колку огромна е концентрацијата на богатството во мал број раце во Македонија“, вели Савески за Локално.

Како загржувачки, го посочува сѐ пораширениот тренд кај имотните луѓе да купуваат станови како начин на управување со акумулираните финансии, бидејќи тоа , како што вели, ја зголемува цената на становите, принудувајќи ги луѓето што сакаат да купат свој дом да земаат кредити за да си го овозможат тоа. Сепак, за него останува спорно и тоа дека последните години, не само што не се поттикнуваат навиките за штедење кај луѓето во Македонија, туку  постои константен притисок од економските центри на моќ луѓето да трошат што повеќе, да купуваат непотрепштини и да патуваат што повеќе и што подалеку.

При тоа, во создавањето консумеристичка култура, луѓето се постојано бомбардирани од мноштво реклами што ги наведуваат да се задолжуваат и на тој начин и по таа цена да се оддаваат на обесмислена и празна потрошувачка“, вели Савески.

Досегашните анализи потврдуваат дека еден дел од населението има солидни навики за штедење, особено повозрасните генерации кои се навикнати да управуваат со своите пари поодговорно, но тоа не е случај кај помладите генерации, особено оние со пониски приходи.

Дополнително, голема улога во тоа колку луѓето можат да заштедат имаат инфлацијата, растечките трошоци за живот и несигурноста но работните места. 

Сепак, макроекономистите велат дека „склоноста кон штедење“ на македонските граѓани е ниска во однос на другите земји во поблиското и подалечното окружување. Во Македонија учеството на бруто – штедењето во бруто – домашниот производ било највисоко во 1992 година – 16.5 отсто од бруто – домашниот производ, но потоа опаѓа и се задржува на ниво од околу 5-6 проценти. Тоа е многу малку и создава потреба Македонија постојано да има огромна ’глад’ за странски директни инвестиции и странски кредити. Во Словенија учеството на бруто штедењето се држи на ниво над 22-23 проценти, а во Естонија оди во нагорна линија над 29-30 отсто.“

К.В.С.

Слични содржини