Божиновска во моментов нема важечки бугарски документи, велат од Министерството за енергетика

од Nikola Popovski
46 прегледи

Министерката за енергетика и рударство, Сања Божиновска вчера преку соопштение уште еднаш порача дека во моментов нема важечка бугарска патна исправа и документ за идентификација. Ваков коментар доаѓа од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, чија министерка Сања Божиновска денеска повторно се најде на тапет откако бугарската агенција БГНЕС ја објави декларацијата со која таа во октомври 2004 година изјавила дека има бугарска самосвест и бугарско потекло.

Божиновска тврди дека поседува само македонско и чешко државјанство. Во соопштението испратено од нејзиното министерство до МИА се тврди дека „државјанството кое го поседувала во минатото е земено од економски причини како што тоа го направиле многу македонски граѓани, а не како што некои актери сега сакаат да ја извртат вистината дека станува збор за национални причини“.

-За жал, одредени актери од Бугарија, на кои не им е во интерес градењето на добрососедски односи помеѓу Македонија и Бугарија со цел надминување на пречките за нашето членство во Европската Унија, наместо култура на дијалог, ја злоупотребуваат ситуацијата, порачаа од Министерството на Божиновска.

БГНЕС вчера објави документ од декларацијата со која Божиновска на 21.10.2004 година изјавува дека има бугарска самосвест.

-Еден од најблиските министри на премиерот Христијан Мицкоски го покажа своето убедување дека има бугарски идентитет и корени. Во потпишаниот документ на Божиновска не се наведени „економски причини“ или „работа во странство“ како причина што таа ја тврди. Вакви основи за државјанство не постојат според бугарското законодавство. Згора на тоа, во 2004 година, Бугарија сè уште не беше членка на Европската унија. Сања Божиновска добро знаела за постапката, бидејќи покрај мајка ѝ и татко ѝ, и нејзиниот брат Даниел е бугарски државјанин, стои во текстот на бугарскиот медиум.

Според БГНЕС, доколку Божиновска дала лажни информации, тогаш според бугарското законодавство може кривично да одговора.

Пред десетина дена, министерката се огласи на социјалните мрежи по повод изјавата на бугарската потпретседателка, Илијана Јотова која кажа дека лично ги видела нејзините документи и таму стои дека изјавува дека има бугарска самосвест.

-Госпоѓата Јотова живее во свет на фантазии од деветнаесеттиот век. Ниту еден граѓанин на Македонија нема потпишано изјава дека се чувствува за Бугарин, туку тоа го прават бугарски адвокати кои наплаќаат пари за да посредуваат. Ниту еден граѓанин на Македонија кој добил бугарско државјанство не се чувствува за Бугарин. Всушност тоа го видовме и на пописот во Македонија со екстремно симболичната бројка на попишани Бугари, објави тогаш Божиновска.

Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски на вчерашната собраниска седница посветена на пратенички прашања, му врачи примерок на премиерот Христијан Мицкоски од потпишаната декларација на Божиновска, во која таа изјавила дека има бугарска самосвест и потекло.

Спасовски го праша Мицкоски дали ќе ја разреши министерката затоа што ја излажа јавноста за нејзиното бугарско државјанство.

-Меѓутоа прашањето ми е дали при составот на владата, при разговорите што сте ги имале со кандидатите, бевте информирани за една ваква ситуација и можеби начелото: Прво Бугарите во Владата, па после во Уставот ќе вроди со плод и тоа е начинот на којшто ќе дојдете до промена на Уставот, нели новиот план што го претставивте и во изборната кампања и на изборите, рече меѓу другото екс-министерот.

-Да биде Сања Божиновска дел од македонската Влада треба да е привилегија. Нејзината биографија и постигнувања се нешто, за што барем можете да кажете секоја чест за стручноста и личното портфолие. Се доведуваме во ситуација дека е грев, ако сме успешни, кажа Мицкоски од собраниската говорница, одговарајќи на обвинувањата.

Премиерот во својот говор порача дека „Божиновска е многу поголема Македонка од сите вас“, обраќајки се до координаторот на пратеничката група на СДСМ. Ова го изјавувам и потпишувам, додаде Мицкоски.

На последната прес-конференција одржана на почетокот на октомври од страна на министерката по повод 100 дена од мандатот на Владата, Божиновска рече дека поседува македонско и чешко државјанство откако беше запрашана од новинар дали се уште поседува бугарско државјанство. Таа притоа го праша новинарот „дали (таквото прашање) е релевантно за отчетот за енергетика“ за изминатите 100 дена од Владата.

Беше запрашана и дали може да стави на увид на јавноста документ од бугарските власти со кој се потврдува дека е прифатено нејзиното барање за отпуст, односно дека веќе не е бугарска државјанка.

-Ќе проверам со адвокатите и ќе ве известам, одговори министерката.

Слични содржини