Министерството за транспорт информира дека на вчерашниот состанок на делегации од Македонија, Бугарија и претставници од Европската Унија во однос на железничкото поврзување, биле прифатени аргументите на министерот Александар Николоски. Според ресорот, биле прифатено дека мора да има заеднички проект за тунелот со цел да не се гради тунел кој не води никаде, понатаму Бугарија да го заврши својот дел од пругата и трето да се ревидира цената која е превисока како и ревидирање на самиот проект.
-По проценката на ризиците, изградбата на тунелот за железничко поврзување меѓу Македонија и Бугарија е поефикасно да биде од еден изведувач. Ова беше заклучено на состанокот во Софија помеѓу македонската и бугарската делегација, а во однос на преговорите за железничко поврзување меѓу двете земји со посредство на Европската Унија.
На состанокот, од македонската страна предводена од Државниот секретар во Министерството за транспорт, Стефан Волкановски и директорот на Железница Инфраструктура Синиша Ивановски, беше истакнато дека Македонија не отстапува од железничкото поврзување и на овој проект се гледа како регионален проект со кој се потенцира развојот на европските транспортни мрежи, информираат од ресорот Транспорт.
Во соопштението се додава дека двете делагции се согласија и да се користи одлуката за технички проект за тунелот поднесен од ЈП Железници Инфраструктура.
Покрај претставниците од ЕУ, на средбата присуствуваа и претставници од Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка како и други институции инволвирани во развој на транспортната мрежа во регионот и Европа информираат од Министерството за трнанспорт.
За првата средба која неодамна се одржа во Брисел, од Европската комисија информираа:
-Двете земји се согласија да одржат редовен дијалог на високо ниво и да формираат заедничка работна група за Коридорот 8. Дополнително, министерствата ќе работат на изнаоѓање координирано техничко решение за изградба на прекуграничниот дел од Коридорот. Северна Македонија и Бугарија ја поздравуваат поддршката на координаторот на Европскиот коридор за Западен Балкан – Источен Медитеран и на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница за напредување на Коридорот 8, наведено беше во соопштението.
Тогаш од надлежното министерство порачаа дека Македонија не се откажува од поврзувањето со пруга кон Бугарија, но не може да се прифати реализација на проект кој што завршува во тунел за кој во Бугарија нема проект, ниту пак има извесносот од бугарската страна дека се преземаат активности за железничко поврзување, било потенцирано од претставниците на македонската делегација.
Коридорот 8 е важна железничка врска за целиот регион и ЕУ. Ќе донесе побрзо патување за стоки и патници, зголемување на мобилноста, пристап на пазарот и конкурентност на Западен Балкан.