Нејмар ја напушта Саудиска Арабија и се враќа во клубот каде ја започна кариерата?

од Vladimir Zorba
19 прегледи

Нејмар (32) по крајот на сезоната би можел да го напушти Ал-Хилал и да се врати во Сантош. „Нејмар доаѓа во јуни, разговараме со него“, изјави за бразилските медиуми потпретседателот на Сантош, Освалдо Нико. За крилниот напаѓач тоа би било враќање во клубот каде ја започна својата професионална кариера во 2009 година и каде до 2013 година одигра 225 натпревари, постигна 136 и асистираше на 64 гола и се здоби со статус на нова фудбалска ѕвезда.

Барселона го донесе за 88 милиони евра, додека во 2017 година отиде во ПСЖ во најголемиот трансфер во историјата на фудбалот вреден 222 милиони евра, каде што требаше да биде прва ѕвезда, а не втора зад Лионел Меси во каталонскиот тим. Тој го напушти Париз во летото 2023 година, без да ја постигне својата најголема цел – освојување на Лигата на шампионите. Саудиски Ал-Хилал плати отштета од 90 милиони евра и му даде годишна плата од 100 милиони евра.

Тешката повреда на коленото го оддалечи од терените една година, па за Саудијците забележа само шест настапи, постигна еден гол и три асистенции. Иако штотуку му се врати на фудбалот и почна да го исплаќа богатиот договор кој е со важност до крајот на сезоната, а има опција да го продолжи на уште една година, тој веќе би можел да замине, односно да се врати во својата земја.

Според податоците на Трансфермаркт, Нејмар во текот на кариерата одиграл вкупно 590 натпревари, постигнал 360 и асистирал на 220 голови. Со оглед на талентот кој го поседува, беше најавен како иден освојувач на Златната топка, но и покрај фантастичните натпревари, голови и потези, во кариерата го следеа проблеми со повреди и посветеноста.

Освои 27 клупски трофеи, од кои еден е Лигата на шампионите со Барселона. За бразилската репрезентација беше стрелец 79 пати на 128 натпревари, но пропушти да освои поголем трофеј. „Трансфермаркт“ сега ја проценува неговата вредност на 30 милиони евра.

Слични содржини