Деканот на Градежниот факултет за „Локално“: Наместо да се плашиме, подобро да преземеме активности за редовна и стручна контрола на објектите со што ќе го намалиме ризикот од слични несреќи како во Нови Сад

од Nikola Popovski
120 прегледи

Трагедијата на Железничката станица во Србија го вклучи алармот за безбедноста на објектите и кај нас. Наместо да се плашиме, подобро и пополезно би било да преземеме конкретни активности за редовна и стручна контрола на објектите со што ќе го намалиме ризикот од вакви и слични несреќи, сметаат експертите. Ова произлегува од фактот дека нашите градби, имајќи ги предвид историските околности, економската состојба, истите стандарди, навиките, менталниот склоп на луѓето и друго, не се многу поразлични од оние во соседството.

-Затоа ваквите немили настани, каде и да се случат, треба да ги сфатиме мошне сериозно. Да не освестат и да не мотивираат од нив да учиме. Зошто несреќите не им се случуваат само на другите, вели во разговор за „Локално“, деканот на Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски.

Потенцира дека сите градби во себе носат одреден ризик – некои помал, некои поголем. Зависи од карактеристиките на конструктивниот систем, важноста на објектот, потенцијалните штети по околината, чувствителноста на одредени дејства, карактеристиките на средината во која се наоѓаат, времето и местото во кое се градени, знаењето и одговорноста на инвеститорите, проектантите, надзорите и изведувачите и др.

-Од таму и разликите во потребното ниво на контрола на нивната состојба. За најризичните се применува и т.н. континуирано следење на состојбата, наведува професорот.

За тоа кој го контролира квалитетот на градби во земјава, Марковски објаснува дека во процесот на градење вклучени се поголем број учесници – секој со свои права, обврски и одговорности.

-Еден од најбитните помеѓу нив е надзорот кој пред сѐ треба да биде гарант за квалитетот на градењето и за усогласеноста на градбата со проектната документација. И не само тоа. Тој треба и да реагира доколку забележи одредени недостатоци во проектот. За да може да ја врши оваа сложена и одговорна дејност, надзорот треба да поседува соодветно стручно овластување кое се стекнува врз основа на степенот на образование, работниот стаж и референците. И се до тука изгледа пристојно и солидно регулирано. Меѓутоа не можам истото да го тврдам и за имплементацијата во пракса каде се присутни низа девијантни појави кои можат да резултираат и со трагични разрешници. Недоволно знаење и искуство, импровизации, несовесност, несвесност за одговорноста и за можните последици од грешки, корупција, трговија со овластувања итн. Многу предизвици испречени помеѓу формата и суштината, дециден е деканот, па додава:

-Градежништвото е исклучително одговорна и сериозна струка која заслужува многу подобро место во општеството и грижа од државата. Затоа мора што побрзо да се изврши комплетна дератизација и дезифенкција од сите штетни натрапници кои се навлезени во неговиот животен простор. По секоја цена.

Околу можните причини за уривањето на натстрешницата на железничката несреќа во Нови Сад, Марковски информира дека објектот е изграден во 1964 година. Имајќи ги предвид сите достапни информации и досегашни искуства, истакнува професорот, со значителна доза на сигурност може да се каже дека до губење на носивоста на настрешницата дошло поради суперпозиција на неколку фактори.

-Првиот фактор кој може да има влијание на ваквиот исход е избраниот конструктивен систем, односно концептот на конструкцијата. Армиранобетонските греди како главни конструктивни елементи на настрешницата, на едниот свој крај биле потрпени на фасадна греда, а на другиот со челични затеги  обесени на главните кровни носачи. Колку што може да се забележи од достапните фотографии, челичните затеги во вид на арматурни прачки биле обложени со бетонски „заштитен“ слој вграден во надворешна обложна цевка. Станува збор за релативно чувствителен конструктивен систем, особено ако се има предвид квалитетот на употребуваните материјали, технологиите за изведба и принципите на проектирање кои биле практикувани во 60-тите години од минатиот век. Очигледно конструкцијата поседувала поскромни внатрешни резерви, појаснува професорот.

Втор фактор, според него, е трајноста на материјалите, особено на челичните затеги. Постојат индиции дека тие биле директно или индиректно изложени на надворешните влијанија (дожд, снег, влага, мраз) кои предизвикуваат корозија на материјалот, а со тоа и намалување на неговиот пресек, односно носивост.

-Тоа што сите затеги се скинати во зоната на анкерување во кровните носачи, според мене е потврда за ваквата претпоставка. Треба да се спомене дека во  период кога е градена постоела заблуда дека бетонската обвивка може да има улога на трајна заштита на вградениот челик. Впрочем ваквиот, од денешна гледна точка, погрешен став е главната причина и за неодамнешното уривање на мостот Моранди во Џенова кој е граден во истиот период, ни рече деканот на Градежниот факултет.

Трет фактор, тврди Марковски, можат да бидат евентуалните интервенции преземени во текот на реконструкцијата на железничката станица.

-Низ медиумите се споменува дека дополнително се поставени стаклени панели и соодветни профили на едниот нејзин дел со што дошло до зголемување на товарот и ризикот. Се разбира дека прецизен заклучок за причината или причините за уривање на настрешницата ќе биде донесен дури откако ќе се изврши стручен и детален преглед на расположивата  документација и на нејзините преостанати делови.

Во однос на вината и одгoворноста за слученото, сметам дека е прерано за тоа да се говори, особено од оваа дистанца и во недостиг на сите потребни информации, заклучува професорот.

Горан Весиќ

Српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ најави дека денес ќе поднесе оставка, по несреќата на Железничката станица во Нови Сад кога загинаа 14 лица, а тројца се тешко повредени.

-До сега не се огласив од почит кон жртвите и нивните семејства. Оставка поднесов истиот ден кога се случи несреќата во Нови Сад. Сакам да ве информирам дека утре наутро ќе ја поднесам мојата оставка до премиерот, а кога Собранието на Србија ќе ја констатира оставката, ќе престанам да ги извршувам министерските обврски и во техничкиот мандат. Поднесувам оставка како одговорен човек, не можам да прифатам одговорност за несреќата што се случи, а сигурен сум дека истрагата ќе утврди дека никој од луѓето со кои работам не е одговорен, рече Весиќ.

Тој посочи дека „ниту тој, ниту луѓето кои работат со него немаат ни трошка одговорност за трагедијата што се случи“.

-Истрагата ќе го утврди тоа. Како што знаете, јас прв се јавив на поканата за рочиште. Министерството со ниту еден акт не можеше да влијае на проектот и на квалитетот на реконструктивните работи во Нови Сад, кажа Весиќ.

Н.П.

Слични содржини