Старо правило скоро 200 години: Зошто изборите во САД секогаш се одржуваат во вторник?

од Nikola Popovski
79 прегледи

Американците денеска одат на 60. претседателски избори во својата историја, а целиот свет го чека нивниот неизвесен исход, кој ќе влијае на низа глобални конфликти и кризи.

Во исто време се избира и новото свикување на Конгресот и третина од Сенатот.

Со одлука на Конгресот од 1845 година, претседателските избори се одржуваат во вторник по првиот понеделник во ноември. САД во тоа време сè уште беа главно аграрно општество, така што ноемвриските избори им дозволиле на многу Американци да излезат на гласање по есенската сеидба и пред зимата. Бидејќи неделата бил Божји ден, а средата била пазарен, изборот паднал во вторник.

Американските гласачи остануваат поделени меѓу републиканецот Доналд Трамп и демократката Камала Харис, а анкетите покажуваат неизвесна трка.

Трамп, 78-годишен републиканец, милијардер и поранешен претседател, преживеа два обиди за атентат за време на кампањата, само неколку недели откако поротата во Њујорк го прогласи за виновен за фалсификување, со што стана првиот поранешен претседател на САД кој е осуден за кривично дело.

Харис неочекувано стана кандидатка на нејзината партија во јули, давајќи ѝ шанса да стане првата жена претседател на Америка, откако актуелниот претседател Џо Бајден се откажа од трката по слабите дебати и притисокот од партијата да се повлече.

Анкетите покажуваат дека двајцата кандидати се изедначени на национално ниво, но и во „променливите“ сојузни држави, т.н. „swing states“. Повеќе од 77 милиони Американци веќе го дадоа својот глас, но денот на изборите ќе покаже чија кампања беше поуспешна во мотивирањето да излезат на гласање.

Во последните денови од кампањата и двете партии ги преплавија социјалните мрежи и традиционалните медиуми со последната рунда пропаганда, но и со волонтери кои тропаа на вратите на потенцијалните гласачи.

Слични содржини