Бројот на случаи на заплени во изминатите четири месеци е зголемен за 48 проценти, а соработката на национално и меѓународно ниво е значително унапредена. Изготвен е нов протокол со Бирото за јавна безбедност, а со поддршка на ОБСЕ, се со цел унапредување на меѓуинституционалното делување и жестока борба со сериозен криминал.
Ова е јасен показател за нашата посветеност во борбата против пролиферација на мало и лесно оружје, истакна директорот Бобан Николовски, на Конференција на високо ниво за соработка меѓу полицијата и царината за мало и лесно оружје и за криумчарење мигранти во Југоисточна Европа во организација на ОБСЕ.
На маргините на конференцијата директорот оствари средби и со претставници на CIVIPOL на којашто беше дискутирано за отпочнување на активности за вклучување на Царинската управа во заедничките центри за соработка со полицијата.
Директорот при обраќањето ја истакна и посветеноста за развој на К9 единицата како исклучителна важна за спречување на нелегалната трговија на мало и лесно оружје, при што ги поздрави активностите на ОБСЕ и донаторите за изградба на регионален К9 тренинг центар на МВР.
Од аспект на преземените активности во борбата со сериозен криминал директорот истакна дека зајакнати се капацитетите на мобилните тимови.
Од први јули до 31 октомври мобилните тимови оствариле 85 заплени, споредбено со само 59 заплени во претходните седум месеци.
Доставен е и извештај за сериозен организиран криминал што ќе биде основа за анализа и изготвување нова Национална проценка за закани од областа на сериозен криминал.
Активностите што се преземаат за спречување на пролиферација на оружје, се согласно и со Стратегијата на Царинската управа за спречување на недозволена трговија со огнено оружје и муниција, како и Акциониот план во надлежност на Секторот за контрола и истраги.
Директорот на конференцијата го истакна значењето во спроведување ефикасни контроли како и континуираното вложување во развојот на човечкиот капитал како клучно во заложбите за жестока борба со сериозен криминал.