Мицкоски со честитка до Трамп: Македонија останува посветена на градењето уште посилни врски со САД

од Nikola Popovski
41 прегледи

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски се надоврза на честитките од неговите колеги Виктор Орбан и Александар Вучиќ до кандидатот на републиканците и по се изгледа старо-нов претседател на САД, Доналд Трамп.

-Во мое лично име и во име на граѓаните, упатувам срдечни честитки до претседателот Доналд Трамп за неговата победа на изборите за претседател на Соединетите Американски Држави, порача премиерот.

Според Мицкоски, оваа победа е потврда на длабоката верба на американскиот народ во принципите на слободата и демократијата.

-Со нетрпение очекуваме натамошно продлабочување на нашето цврсто партнерство и соработка, особено во областите на безбедноста, економскиот развој и демократските реформи. Македонија останува посветена на градењето уште посилни врски со САД, како стратешки сојузник и пријател, кои ќе продолжат да ја зајакнуваат стабилноста и напредокот на целиот регион. Честитки и најдобри желби до претседателот Трамп и до целиот американски народ, стои во објавата на премиерот на социјалните мрежи.

Доналд Трамп се појави на сцената во Флорида и прогласи победа на претседателските избори во САД.

-Ќе се борам секој ден, за секој од вас, изјави Трамп во обраќањето пред нацијата.

-Ова беше најдоброто политичко движење на сите времиња, досега немало ништо вакво во земјава. Сега ќе достигнеме ново ниво на важност, ќе помогнеме на нашата земја да се опорави, да заздрави, да закрепне, нејзе и е потребна помош. Ќе ги исправиме сите гранични прашања. Имаме верба, вечерва ги надминавме сите пречки кои никој не очекуваше да ги надминеме и го постигнавме најневеројатното нешто-погледнете што се случи!, рече кандидатот на републиканците во својот говор.

-Господине претседателе ви благодарам што ми дозволивте да се приклучам на оваа ваше важно патување, рече Џејмс Венс, кандидат на републиканците за потпретседател на САД.

Републиканците го преземаат Сенатот од демократите. Очекуваат да го освојат и Претставничкиот дом со што би се заокружил триаголникот на моќта.

Врз основа на тековните проекции на Си-Ен-Ен, поранешниот претседател Доналд Трамп има 267 електорски гласови, а Харис има 188 електорски гласови. Тоа значи дека Трамп треба да добие само уште три електорски гласови за да ја освои претседателската функција.

Слични содржини