Харис по поразот: „Мораме да ги прифатиме резултатите

од Milan1
1 прегледи

Демократскиот кандидат за претседател на Соединетите Американски Држави, Камала Харис за првпат зборуваше по гласањето. Камала не се огласи по првите резултати, а претходно денеска му се јави на републиканскиот кандидат Доналд Трамп, кому му честиташе за победата на изборите.

Камала беше пречекана од голем број луѓе пред Универзитетот Херолд, каде што зборуваше. Нејзините поддржувачи ја поздравија со голем аплауз.

„Ви благодарам на сите. Дозволете ми да кажам дека срцето ми е полно денес. Голема благодарност за довербата што ми ја укажавте и многу љубов кон нашата земја. Овие избори не се она што го посакувавме, за што се боревме“, започна Камала и додаде дека никогаш нема да се откаже и да продолжи да се бори.

Таа се заблагодари на целиот свој тим, почнувајќи од волонтерите, па завршувајќи со сите кои се вклучија во овој изборен процес и истакна колку е горда на сите нив.

„Сакавме да ги обединиме сите луѓе во борбата за иднината на Америка. Имаме многу заедничко. Мораме да ги прифатиме резултатите од овие избори. Разговарав со Трамп, му честитав и понудив помош во транзицијата“, додаде таа.

Таа нагласи дека ги прифаќа резултатите и дека тие ја отсликуваат демократијата за која се бори.

„Сите ние сме лојални, не на претседателот, ниту на партијата, туку на Уставот на САД“, рече таа.

Камала додаде дека луѓето не треба да се раздвојуваат и дека сите мора да имаат исти права и дека нивното достоинство мора да се почитува.

„Ние сакаме да работиме напорно. Нашата земја вреди. Во ред е да се биде тажен и разочаран. Најважно е никогаш да не се откажуваш. Никогаш не се откажувај од тоа да го направиш светот подобро место. Вие ја имате моќта во ваши раце. Ова е време да ги засукаме ракавите, да се организираме и заедно да изградиме подобра иднина“, додаде таа.

„Да го исполниме небото со светлината на милион ѕвезди, со оптимизам, вера и вистина. Нека нè води нашата работа. Господ да ве благослови вас и Соединетите Американски Држави“, рече Камала Харис.

Слични содржини