Економскиот раст 2,3%, инфлацијата 3,5% – предвидува Народната банка

од Nikola Popovski
15 прегледи

Забавување на инфлацијата и послаб раст на домашната економија за оваа и за следната година во споредба со априлските согледувања, предвидува Народната банка. Според есенските макроекономски проекции, за оваа година економскиот раст е проектиран на 2,3 отсто, а за наредната на 3,3 проценти.

На среден рок, оцените за растот се непроменети. Ризиците за растот и натаму се нагласени и претежно надолни.

Како што соопшти денеска гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, најновите оценки го потврдуваат априлското согледување за просечна стапка на инфлација од 3,5 отсто во 2024 година, иако во последниот квартал се очекуваат одредени нагорни поместувања.

За следната година се очекува стапка на инфлација од 2,5 процени што е мала нагорна ревизија во однос на април.

Банкарскиот систем и натаму ќе обезбедува солидна кредитна поддршка. До крајот на 2024 година, се очекува дека кредитниот раст ќе биде стабилен и ќе изнесува 7,5%. Се очекува раст и на среден рок, но малку поумерен и со просечна стапка од 7,2% за периодот 2025 ‒ 2027 година, во услови на солидна капитална и ликвидносна позиција на банките. Кредитниот раст, како и досега, ќе биде поддржан од растот на депозитите, како главен извор на финансирање. На крајот на 2024 година, се очекува солиден годишен раст на депозитите од 7,9%, а на среден рок за периодот од 2025 до 2027 година од околу 7,7%, во просек. 

 Во услови на значително забавување на домашната инфлација и поволен девизен пазар, но кога сѐ уште постојат ризици, Народната банка започна со претпазливо нормализирање на монетарната политика. Народната банка внимателно, на дневна основа, ќе ги следи макроекономските податоци и ризиците коишто сѐ уште постојат и како и досега, ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, заради задржување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност.

Слични содржини