ВМРО-ДПМНЕ за расправата за Христовски: Несмасен театар на СДСМ и ДУИ

од Nikola Popovski
43 прегледи

Денеска беше тензично на Комисијата за надзор на работата на тајните служби. Власта и опозицијата со контра ставови за назначувањето на директорот на АНБ, Бојан Христовски. ВМРО-ДПМНЕ тврди дека не биле информирани за седницата, побараа прво да се направи надзор на работата на двете агенции, опозицијата пак дека во назначувањето на новиот директор бил прекршен законот.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека опозициските СДСМ и ДУИ се обиделе да направат „несмасен театар“ на денешната седница на Комисијата за надзор на работата на АНБ и АР. Од партијата велат дека имале намера да ја поддржат иницијативата за комисиската расправа за назначувањето на директорот на АНБ.

Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски фрапира неможноста за основна потреба за изјаснување согласно деловничките одредби за дополнување на точки на дневен ред.

-Ниту на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на предлог на СДСМ. Претседателот на Комисијата кој доаѓа од редовите на опозицијата, воопшто не дозволи изјаснување за самиот предлог за точките на дневен ред и навистина не ми е јасно зошто колешката Славјанка Петровска има несогласување и нешто не ѝ е јасно, потенцира во изјавата.

-Доколку има несогласувања со претседателот на Комисијата, доколку има револт во однос на работата на Комисијата, слободно може да поднесат Интерпелација кон претседателот на Комисијата, која ние ќе ја поддржиме, изјави Јаревски на прес-конференција во Собранието.

Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска ги обвини колегите од власта дека бегаат од соочување со јавноста по ова прашање.

-Злоупотребувајќи го мнозинството, тие денес спречија одржување на седница и расправа по прашања чии одговори ги чека целата јавност. Тиранија на мнозинството и целосно отсуство на демократски процес за владеење на правото. Казна е вакво парламентарно мнозинство да спроведува реформи во безбедносната служба, истакна Петровска.

Пратеничката смета дека е несфатливо во Комисија која треба да врши надзор, мнозинството да го има владиното мнозинство. Во координација со останатите партиски колеги од СДСМ, Петровска ќе иницира промена на Деловникот.

Слични содржини