Жерновски демантира дека бил амбасадор „на диво“, објави фотографија од предавањето на акредитивите во романското МНР

од Nikola Popovski
263 прегледи

Македонскиот амбасадор во Романија, Андреј Жерновски се огласи откако вчера беше прозван од министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски дека бил поставен „на диво“ на дипломатската функција.

-Откако од медиумите дознав дека, како амбасадор, сум се тепал по официјални приеми во Романија, за што следеше приватна тужба од моја страна, вчера на истиот начин дознав нова вест- дека сум бил амбасадор “на диво”.

Не знам на тие медиуми од каде им е и кој им ја кажал оваа “генијална” теза, но знам дека со некој од нив ќе мора да се видиме на суд. Не дека го сакам тоа, но мора да се воспостави ред, бидејќи клеветењето и нанесување штета на нечии личен углед и интегритет е крајно сериозна работа, колку и објавувачите или пренесувачите на вакви невистини да не ги поседуваат наведените особини, порачува Жерновски.

Како доказ за, како што вели, трагикомичните лаги, амбасадорот ја објави фотографијата од предавањето на неговите акредитиви во романското МНР. Дополнително, онаму каде ќе биде потребно, вели ќе ја достави и неговата лична карта во Романија, која се издава на дипломати, на која пишува дека е амбасадор на Република Северна Македонија во Букурешт. Истата е издадена од Министерството за надворешни работи на Романија.

-Многу ми е жал што, поради внатрешните процедури во нашето МНР, разбирливо, не смеам да давам службени изјави додека трае мојот амбасадорски мандат. Се разбира, кога истиот ќе заврши, со задоволство и со страст ќе ги отвориме сите теми. До тогаш, со оние кои шират лаги и клевети, ќе се гледаме на суд, истакнува Жерновски.

Во однос на амбасадорите Љубомир Фрчкоски во ОН, Жерновски во Букурешт и Весел Мемеди во Рим, шефот на дипломатијата Муцунски вчера рече дека амбасадорот Фрчкоски поднесе оставка, но тоа, додаде, не значи дека тука се завршени процесите околу внатрешна ревизија за финаниското работење, бидејќи, рече, тоа е сосема друго прашање.

-Во врска со амбасадорот Жерновски, и амбасадорот Мемеди се водат внатрешни процедури во рамките на Министерството за надворешни работи, во согласно со Законот за надворешни работи и соодветно ќе бидете информирани кога ќе завршат тие процедури. Формално правно амбасадорот Мемеди е сè уште амбасадор. Формално правно, амбасадорот Жерновски никогаш не ни станал амбасадор во Букурешт, бидејќи нема предадено акредитивни писма, додека Фрчкоски е амбасадор во оставка, рече Муцунски, одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со актуелниот претседавач на ОБСЕ, министерот за надворешни работи и трговија на Малта, Јан Борг.

Со указ на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со укази се отповикани седум амбасадори од функција, кои се објавени завчера во Службен весник.

Како што може да се види од објавените укази, станува збор за повлекување на амбасадорите на Северна Македонија во НАТО, Дане Талески, на Данчо Марковски од Албанија, на Фатон Бејта од Данска, на Сали Лимани од Казахстан и од Катар на амбасадорот Шабан Јашари. Отповикани се и амбасадорката Теута Агаи Демјаха, која е шефица на Постојната мисија на Северна Македонија во ОН во Женева и амбасадорката при Светата Столица во Ватикан, Марија Ефремова.

Слични содржини