Првиот човек на општина Центар, Горан Герасимовски демантира дека вршел притисок за запишување на дете во училиште кое имало насилно однесување.
-Остро и категорично демантирам дека сум вршел каков било притисок за упис на дете со насилно однесување во редовна настава во ООУ „11 Октомври”. Тврдам дека ниту сум иницирал, ниту сум бил информиран за каква било постапка во врска со ученикот, а особено не за вмешаност на општината во вакви прашања, истакнува Герасимовски во демантот.
Според него, во текот на денешниот ден, основното училиште „11 Октомври“ ќе излезе со целосна информација за овој случај.
-Како градоначалник, секогаш стојам зад принципиелни и законски одлуки и немам намера да дозволам дезинформации кои наметнуваат лажна слика. Барам од сите вклучени страни, особено од медиумите, да се воздржат од непроверени наводи кои го загрозуваат интегритетот на институцијата и сеат недоверба меѓу граѓаните, се додава во демантот на градоначалникот.
Дел од медиумите објавија дека родители обвиниле за притисок од страна на градоначалникот на општина Центар за дете насилник кое избркано од повеќе основни училишта да биде примено во основното училиште „11 Октомври“. Според пишувањата, за ученикот претходно негативно се произнеле сите основни училишта на територија на општина Аеродром вклучувајќи го и училиштето „11 Октомври“. По добиените негативни одговори од страна на сите училишта, ООУ „Лазо Ангеловски“ го префрла ученикот на далечинско учење (онлајн настава) и за истото ги известува сите надлежни институции.