Каде стои Македонија во однос на крипто-инвестирањето: „Светот нема да не чека додека ние се однесуваме како финансиски пуританци кои се заглавени во едно друго време“

од Nikola Popovski
63 прегледи

Биткоинот се искачи над 90.000 долари – ниво поттикнато од враќањето на старо-новиот американски претседател Доналд Трамп во Белата куќа и ставот дека неговата администрација ќе биде одлична за криптовалутите. Оваа криптовалута надмина рекордно високо ниво од 90.000 долари на 13 ноември, нешто повеќе од една недела откако Трамп победи на изборите. Најголемата криптовалута во светот, биткоинот последен пат се тргуваше за 2,3% повисоко на 90.654 долари, откако веќе скокна повеќе од 30% во изминатите две недели. Инвеститорите веруваат дека новиот американски претседател кој се декларира како поддржувач на криптовалутите ќе овозможи овој пазар да процвета. Вредноста на биткоинот е повеќе од двојно зголемена од овогодинешното ниско ниво од 38.505 долари, пишува Ројтерс.

Долгоочекуваниот рекорд на биткоин од 100.000 долари би можел да дојде во текот на овој месец, предвидуваат аналитичарите врз основа на историските шеми на графикони и зголемената побарувачка на инвеститорите од изборите.

Што го потикнува растот по победата на Трамп?

Според адвокатот и поранешен регулатор, Душко Гошевски, и Камала Харис и Трамп имаа позитивен приод кон крипто индустријата со тоа што, како што вели, кампањата на новоизбраниот претседател имаше далеку поголеми и поефикасни методи на поддршка на крипто индустријата: од примање на донации во крипто валути, преку промоција на своја сопствена крипто платформа до најави дека САД ќе бидат центарот на оваа индустрија во случај на победа.

Душко Гошевски

 

-Победата секако даде поттик на овие тврдења и тоа ja зголеми пазарната цена на биткоинот, а со тоа и на другите криптовалути, објаснува Гошевски во анализа за „Локално“.

За најавите дека криптото сега ќе стане почест начин на плаќање сега, Гошевски објаснува дека за тоа за да се случи, треба да бидат признаени како платежно средство. Потенцира дека сега за сега, во скоро сите држави во светот каде што е дозволено тргување, а тие се повеќе од 100 држави, се третираат како нематеријален имот (кој што може да се менува, плаќа, продава и купува), но сепак имот, а не платежно средство.

-Иако има и држави кои го прифатија како платежно средство како Ел Салвадор. Се уште трае „препознавањето“ на криптото како платежно средство, анализа соговорникот.

Околу прашањето кое сите ги мачи – дали треба сега да се инвестира во криптовалутите, Гошевски вели дека се работи за инвестициска одлука под значаен ризик кој секој граѓанин или инвеститор треба сам да си ја донесе врз основа на сериозна анализа на финансискиот пазар, советување со инвестициски советници и познавачи. Не само за криптото туку за било која инвестиција.

Каде стои Македонија во тој поглед?

Поранешниот регулатор е убеден треба повеќе едукација во земјава на темата крипто-инвестирање, но, не само за тоа туку и за сите аспекти кои можат да ја подигнат финансиската писменост на населението.

-Од начин на носење на базични инвестициски одлуки, регулаторни елементи, дигитална економија, вештачка интелигенција итн. Светот нема да не чека, галопира напред во овие сегменти додека ние се однесуваме како финансиски пуританци кои се заглавени во едно друго време, објаснува Гошевски.

Соговорникот говори и дека треба да го подобриме законодавството за да се спречат пробиви на лажни „крипто-валути“ но и во понзи-шеми кои се познати во последно време кај нас.

-Понзи-шемите и измамите, а сега и крипто-измамите се еден глобален сегмент кој е присутен во целиот свет не само кај нас. Постојат цели оперативни екипи кои се веќе професионализирани во таргетирање на да кажам полековерни граѓани кои стануваат цел на измами.

Усогласување со европските регулативи секако дека ќе помогнат, но не можат целосно да го заштитат поединецот од лоши инвестициски одлука. Најдобра заштита е финансиска едукација и проверка на факти пред инвестирање во било што, заклучува познавачот на состојбите.

За време на претседателската кампања, Трамп ја освои крипто заедницата во неговите говори со ветувања дека САД ќе станат „крипто-престолнина на планетата“, како и создавање стратешки резерви во биткоини. Прифаќаше донации во криптовалути, а исто така отвори и инвестициски фонд за инвестирање во криптовалути.

Крипто-инвеститорите очекуваат Трамп да стави крај на „војната против криптовалутите“ што ја водеше администрацијата на Бајден, според зборовите на Бред Гарлингхаус, извршен директор на крипто-фирмата „Рипл“.

Сепак, можеби поважен од самиот Трамп за скокот на вредноста на криптовалутите е Илон Маск, неговиот жесток поддржувач во оваа кампања, но и иден министер во администрацијата на Трамп.

Маск, еден од најбогатите луѓе во светот, сопственик на најголемата компанија за производство на електрични автомобили „Тесла“ и сопственик на социјалната мрежа „Х“ (поранешен Твитер) има историја со криптовалутите.

Н.П.

Слични содржини