🎥Почна рушењето на познатиот белградски хотел „Југославија“

од Nikola Popovski
56 прегледи

Градежни машини почнале да го уриваат славниот хотел „Југославија“ во Белград на чие место фирмата „Милениум тим“ ќе гради станбено-деловен комплекс со нов луксузен хотел. Поголемиот дел од „Југославија“ бил во целосно опустошена состојба.

Градското собрание на Белград на 16 септември го усвоило Деталниот регулациски план со кој се дозволи уривање на постоечкиот хотел и изградба на нов хотел во место со една станбена и една комерцијална кула.

Во април годинава, на аукција на имотот на претпријатието во стечај, Ривер Данјуб, тим на компанијата „Милениум“ за 27 милиони евра го купил градежното земјиште на кое стои хотелот Југославија. Објектот до 2011 бил под заштита, односно се претпоставувало дека има својство на културно богатство – единствено било потребно да се изработи елаборат за и формално да може да биде прогласено за културно наследство.

Меѓутоа, Заводот за заштита на споменици наместо тоа го избришал хотелот „Југославија“ од евиденцијата на добра под претходна заштита затоа што, како што е речено, „со најновото согледување на состојбите“ е утврдено дека во текот на бомбардирањето од страна на НАТО е нанесена голема штета, дека оригиналниот ентериер е делумно уништен, а потоа и променет.

Хотелот во 1999 година двапати беше погоден од ракети на НАТО, по што беше затворен. Тој беше продаден во 2006 година на компанијата „Алпе Адриа Хотели“, која најави дека хотелот ќе биде темелно реконструиран и ќе стане дел од меѓународниот ланец за угостителство „Кемпински“.

Сепак, тоа никогаш не се случи. Во 2013 година, приватен закупец реновирал дел од зградата, која до август годинава функционирала како хотел гарни. Во хотелот имало и неколку малопродажни и угостителски објекти, како и „Гранд казино“.

Хотелот „Југославија“ е отворен во 1969 година, а е изграден по проект на архитектот Лавослав Хорват. Од идејата до конечната реализација поминале речиси 20 години. Главната зграда има седум ката, а особено импозантна била внатрешноста на хотелот со 1.500 простории, 1.100 кревети и вкупно 600 соби и 23 апартмани.

Слични содржини