Главниот град на Македонија во моментов се најде на високото шесто место во светот по загаденост на воздухот, со индекс на загадување од 158, што го прави опасен за дишење. Според објавеното, Скопје е и втор најзагаден град во Европа, покажуваат податоците на платформата за мерење на квалитетот на воздухот IQAir.
Од останатите градови во регионот, единствено Сараево е во полоша ситуација и се наоѓа на 4-тото место во светот со загаденоста на воздухот со индекс од 187.
Скопје во зимскиот период постојано руши рекорди во поглед на загадувањето, а ветувањата на градските власти за намалување на концентрацијата на честичките останува само на хартија.
Пред и по шестото место на таа неславна листа се наоѓаат големи индустриски центри од Азија, па така тоа е уште еден податок што никако не ја оправдува состојбата со воздухот во Скопје. Освен честите магливи ноќи и утра во скопската котлина, други оправдувања за вака високата загаденост едноставно нема.
Од Mинистерството за животна средина, пак, информираа дека е формирана интерна работна група за чист воздух, која на владата ќе ѝ предложи акциски план со конкретни краткорочни и долгорочни активности за да се забрза процесот на постигнување на видливи резултати во подобрувањето на квалитетот на воздухот. Направен е план и за посета и инспекторирање на индустриските капацитети што поседуваат А-Интегрирана еколошка дозвола. Посетите ќе се одвиваат по плански региони во државата, а целта е и да се влијае на подигање на свеста и подготвеноста на компаниите да преземат и дополнителни мерки со кои би влијаеле позитивно врз квалитет на воздухот.