Вработените во ЈП „Улици и патишта“ најавуваат штрајк со носење на целата механизација пред Град Скопје

од Nikola Popovski
36 прегледи

Вработените во ЈП „Улици и патишта“ најавуваат штрајк пред Советот на Град Скопје поради неисплатени плати. Ја обвинуваат градоначалничката Данела Арсовска за лошо менаџирање, како и сега веќе разрешениот директор Ванчо Умленски.

Во соопштението, вработените ги изнесуваат причините за лошата ситуација во претпријатието кое е под капата на Град Скопје.

-Презадолжување на претпријатието кон добавувачи на материјали во износ од 240 милиони денари; Не плаќање на долгот од страна на директорот, односно градоначалничката, т.е. селективно плаќање на фирми блиски до секретарот и градоначалничката; Сметката е блокирана во износ од 10 милиони денари и извршни решенија во износ од 40 милиони денари кои ќе стапат на сила наредниов период; Во претпријатието нема основни средства за работа како нафта, ризла, тампон, рабници. Причина за ова е не плаќањето на обврските кон добавувачите, а со тоа и испораката на материјалите; Градежни машини и возила што поради погоре наведените причини се со дефекти и не се сервисираат со месеци, наведуваат вработените.

Велат дека се принудени преку штрајк да го остварат своето право на личен доход и најавуваат ќе дојдат со целата механизација.

По доаѓањето на Арсовска на градоначалничката функција по локалните избори во октомври 2021, промените на директорските позиции во јавни претпријатија станаа честа пракса. Првиот бран промени се случи на нецела година од мандатот кога се разидоа патиштата на Арсовска со ВМРО-ДПМНЕ, партијата која ја поддржа на изборите, поради меѓусебни обвинувања околу тендерот за пречистителната станица во Скопје. Менувањето на директори на јавни институции е уште едно од постапувањата за кое Арсовска добива критики.

Следните локални избори на кои скопјани ќе гласаат за нов состав на Советот на Град Скопје и за градоначалник треба да се одржат во октомври 2025 година.

Слични содржини