Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте ја назначи поранешната министерка и поранешна лидерка на СДСМ, Радмила Шекеринска за негова заменичка.
„Задоволство ми е да го објавам именувањето на Радмила Шекеринска за нов заменик-генерален секретар. Таа навистина верува во НАТО, знае колку работа е потребна за една земја да се приклучи на Алијансата и што значи да се биде полноправна членка. Со нетрпение очекувам да работиме со неа бидејќи таа ја презема оваа витална улога“, рекол Руте, како што е објавено на веб-страницата на НАТО алијансата.
Шекеринска претходно беше вицепремиерка за европските интеграции и министерка за одбрана, вклучително и во времето пред Македонија да влезе во НАТО во 2020 година.
Покрај Шекеринска, друга кандидатка беше и поранешната вицепремиерка на Бугарија и поранешна еврокомесарка, Марија Габриел. Името на Шекеринска се споменуваше и претходно во круговите на НАТО, како што објави неодамна „Политико“. Со денешното назначување, Шекеринска е највисок функционер од Западен Балкан во НАТО.
Примарната улога на заменикот на генералниот секретар е да го заменува шефот и да претседава со состаноците на 32-та амбасадори во Северноатлантскиот совет двапати неделно или на кој било итен состанок, вклучувајќи го и Советот НАТО-Украина.
Руте ја презеде функцијата во НАТО на 2 октомври, во време кога воената алијанса се стреми кон итна мисија да го поддржи источното крило со цел да спречи каква било потенцијална руска агресија. Германија, на пример, проценува дека Русија би можела да биде подготвена воено да ги нападне земјите на НАТО за пет до осум години, доколку одлучи да го стори тоа.