Патот на Шекеринска: Од Советот на Град Скопје, преку претседател на СДСМ до втор човек на НАТО

од Nikola Popovski
60 прегледи

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте одлучил да ја именува Радмила Шекеринска за заменик генерален секретар, соопштија денеска од НАТО.

„Со задоволство можам да го соопштам именувањето на Радмила Шекеринска за следен заменик генерален секретар. Таа навистина верува во НАТО, знае колку работа е потребна за влез во Алијансата и што значи да се биде полноправна членка. Со нетрпение очекувам да работам со неа додека ја презема оваа витална улога“, соопштил Руте.

Веста за назначувањето на Шекеринска силно одекна во регионот, особено во Македонија, со оглед дека е највисок функционер од Западен Балкан во НАТО.

Патот на поранешната министерка од политичките функции во државата до раководните позиции во НАТО

Шекеринска има дипломирано на електротехничкиот факултет во Скопје во 1995. Во текот на 1996 година работи како асистент за односи со јавност во Институтот Отворено општество Македонија. Од 1997 до 2002 работи како асистент на Електротехничкиот факултет. Зборува англиски и француски јазик и исто така е автор на повеќе научни и стручни трудови од својата област. Добитник е на наградата “Глобални Водачи на Утрешнината“ што ја доделува светскиот економски форум.

Од 1993 година Шекеринска е избрана за член на ЦО на СДСМ во неколку мандати. Од 1995 е член на претседателството на ЦО на СДСМ, а во 1999 година е избрана за потпретседател на ЦО на СДСМ и за меѓународен секретар на партијата. Во периодот 1995 – 1999 година, ја врши функцијата претседател на СДММ, а во 1997 – 1998 година е и портпарол на СДСМ. Подоцна е избрана за потпретседател на Партијата, а на 5 ноември 2006 година е избрана и за претседател на Партијата.

Од 1996 до 1998 година Шекеринска е член на Советот на Град Скопје. Во 1998 е избрана за пратеник во Собранието на Република Македонија. Во овој период ги врши функциите: заменик-координатор на Пратеничката група на СДСМ, член на комисијата за надворешна политика, член на комисијата за образование и наука, член на комисијата за животна средина, млади и спорт, член на делегацијата во Интерпарламентарната унија (УПИ) и член на пратеничката група за соработка со Европскиот парламент.

Во 2002 година повторно е избрана за пратеник во Собранието на Република Македонија, а од 1 ноември 2002 до 2006 година е заменик-претседател на Владата на Република Македонија, задолжена за Европска интеграција и Координација на странската помош.

Шекеринска беше портпаролка во успешната кампања на Бранко Црвенковски за претседателските избори во периодот март-април 2004 година. Потоа беше вршител на должноста премиер три недели откако Црвенковски поднесе оставка за да стане претседател. Шекеринска беше повторно назначена за вицепремиер во тогашната влада на наследникот на Црвенковски како премиер, Хари Костов, на 3 јуни 2004 година.

Шекеринска магистрира на престижната школа за дипломатија и право „Флечер“ во САД во 2007 година.

Шекеринска е автор на голем број научни и стручни трудови. Беше министерка за одбрана од 2017 до 2022 година, кога Македонија влезе во НАТО пред четири години, при што имаше клучна улога.

Во едно интервју по руската инвазија на Украина, таа го отфрли тврдењето на Русија дека проширувањето на НАТО кон исток е „злобен план на Западот“, пренесува „Политико“.

На 15 октомври 2022 година, Шекеринска беше избрана за еден од потпретседателите на Партијата на европските социјалисти.

На високата позиција во НАТО, екс-министерката ќе го наследи Мирчеа Џоана, кој функцијата ја извршуваше од 2019 година. Според објавата, таа ќе го презеде извршувањето на новата позиција подоцна до крајот на оваа година.

Слични содржини