Холандската тениска репрезентација со победа од 2:1 ја запре Шпанија во четвртфиналето на Дејвис купот во Малага, со што и официјално стави крај на играчката кариера на Рафаел Надал. Во решавачкиот меч во двојки, Ботик Ван де Зандшулп и Весли Колоф ги совладаа Карлос Алкараз и Марсел Гранолерс со 7:6 (7:4), 7:6 (7:3).
„Постигнав повеќе отколку што можев да сонувам, сакам да ме паметат како добра личност. Заврши 20-годишната професионална кариера, во која ме носевте во добрите моменти, а во лошите ме туркавте да продолжам да играм. Честитам на Холандија за победата. Честитам и на шпанскиот тим бидејќи ми дозволија повторно да играм во Дејвис купот, кој не заврши како што сите посакувавме. Со вас проживеав многу важни моменти во кариерата, тоа беше привилегија“, рече Надал во својот проштален говор.
Шпанецот во кариерата освои 92 титули, вклучувајќи 22 Гренд слем трофеи. Со шпанскиот тим четири пати го освојуваше Дејвис купот.
„Реалноста е дека човек никогаш не сака да дојде до овој момент, не сум уморен од тенис, но моето тело не сака повеќе да играм и морам да го прифатам тоа. Се чувствувам привилегирано, можам да бидам благодарен што моето хоби ми е професија“, додаде Шпанецот.
Надал истакна дека сака да биде запаметен како добар човек.
„Титулите, бројките се таму, луѓето го знаат тоа, но јас би сакал да бидам запаметен како добар човек од мал град во Мајорка кој имаше среќа да има вујко кој беше тениски тренер и одлично семејство кое ме поддржуваше во секој момент. Имам среќа, бидејќи животот ми даде можност да доживеам незаборавни работи благодарение на тенисот“, заклучи Надал.