Владата да додели 2,5 милиони литри гориво за автобусите на ЈСП, предлагаат од „Бихаќка“

од Nikola Popovski
691 прегледи

СДСМ ги претстави трите предлози за надминување на кризната состојба во Град Скопје и проблемите со работата на јавните претпријатија.

„1. Измени и дополнување на Законот за финансиска поддршка на општините и јавните претпријатија основани од нив.

(Овој закон беше донесен во 2018 година од нашата Влада, кога беа сервисирани долговите на општините, вклучително и долгот на Град Скопје од над 30 милиони денари).

– Предлагаме, Собранието на РСМ, по скратена постапка, да ги усвои овие измени за да се обезбеди финансиска стабилност на Град Скопје. Нашите пратеници ќе го поднесат овој предлог.

2. Владата на РСМ итно да донесе одлука за доделување субвенции-евро дизел гориво од државните резерви за нафта.

– Предлагаме Владата на РСМ да обезбеди 2,5 милиони литри евро-дизел од државните резерви на нафта, кои би биле доволни за функционирање на јавниот превоз до крајот на 2024 година.

Ова е мерка што мора да се реализира веднаш, за да се стави крај на агонијата со јавниот превоз.

3. Предлагаме, пратениците во Собранието на РСМ да иницираат свикување на Надзорна расправа во Собранието за состојбата во Град Скопје. Одржувањето на надзорната расправа би било примерот на претходните расправи, за прашања од јавен интерес. Собранието на РСМ, како суверен претставник на волјата на граѓаните има легитимно право да расправа за овие прашања“, рече Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје.

Постапката за јавна набавка на Еуродизел, објавена  од страна на договорниот орган ЈСП беше предмет на управна контрола во Бирото за јавни набавки по сила на закон. Како што соопштуваат од Бирото, сите постапки за јавни набавки на стоки и услуги со вредност над 500.000 евра, се предмет на управна контрола согласно со членот 172 став 3 од Законот за јавни набавки, без оглед на тоа кој договорен орган ги спроведува.

Во однос на конкретната постапка, управната контрола најде дека договорниот орган ЈСП избрал неприфатлива понуда за најповолна. Оваа понуда, која била и единствена поднесена понуда во постапката, не исполнува услов кој самиот ЈСП го навел во точка 1.4.8 од тендерската документација. Тоа всушност е наведено и во самиот извештај од спроведена постапка на комисијата за јавна набавка во ЈСП.

Главниот град од изутрината во сообраќаен хаос. Колапсот на јавниот превоз придонесе за голем метеж во Скопје. Автобусите на ЈСП останаа во базите поради недостиг на нафта. Од добавувачот „Пуцко Петрол“ решиле да ја прекинат испораката поради неплатен долг од страна на јавното претпријатие. Граѓаните револтирани чекаат на автобуските постројки, а дел од нив преку социјалните мрежи организираа превоз до работните места или до училиштата.

За денеска во 18 часот е закажана итна вонредна седница на Советот на Град Скопје за пронаоѓање на решение за проблемите.

Слични содржини