Инцидент во Собрание меѓу лидерот и пратеник на Левица, Димитар Апасиев и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, по што претседателот на Собранието, Африм Гаши беше принуден да даде 10 минути пауза.
Во еден момент следеше жестока размена на зборови меѓу координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски и Апасиев кој од своето пратеничко место му дофрлаше на Мицевски кој беше на собраниската говорница.
Одеднаш околу Апасиев се собраа повеќе пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, по што тој во еден момент ги фрли собраниските слушалки по пратениците од најголемата владеачката партија.
-Не пцуј бе, не пцуј, можеше да се слушне од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои му дофрлаа на Апасиев.
На тоа пратеникот на Левица кажа: „Абе дојдете кој сакате да ви е*ам“.
Со цел да се избегне поголем инцидент, Гаши ја прекина седницата и го повика собраниското обезбедување да интервенира.
Тензијата настана кога едно прашање најавено за министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, пратеникот на Левица, Реџеп Исмаил, го пренасочи за премиерот Христијан Мицкоски. Прашањето се однесуваше на назначувањето на Радмила Шекеринска за заменик-генерален секретар на НАТО.
Мицевски преку процедурална интервенција тврдеше дека такво пренасочување на прашањата во последен момент не е дозволено со Деловникот.
-(Апасиев) Мораше да направи инцидент за да биде видлив за граѓаните, рече Мицевски во процедуралното обраќање по инцидентот.