(ФОТО) Силен ветар во Битола и Штип, паднати покриви од згради и откорнати дрвја

од Milan1
93 прегледи

Силен ветар во Битола откорна покрив од зграда кој падна врз автомобил на улицата „Леринска“. Исто така, ветрот урна и ограда со која беше заштитен градежен плац каде се гради зграда во старата битолска Касарна.

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски изврши увид на локации во Битола каде попладнево силниот ветер предизвика проблеми и вознемирување кај битолчани.

Коњановски посочи јавните претпријатија „Комуналец“, „Нискоградба“, „Водовод“ и ТППЕ Битола, да извршат санација на местата каде е предизвикана штета.

Екипите дејствуваат координирано и ќе останат на терен се до расчистување на сите локации, соопштија од Општина Битола.

Силниот ветер направи штета и во Штип.  Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов за МИА изјави дека пожарникарите  интервенираат на улицата „Браќа Даневи“ во населбата Автокоманда, каде има урнато дел од кровна конструкција на станбена зграда. Тој истакна дека дел од штипските населби немаат улично осветлување, поради искинати кабли, а има и скинати кабли на кабелските и интернет операторите. Од утринава екипите на ЈП „Исар“ и пожарникарите од ТППЕ-Штип интервенираа и на остранување на паднати дрвја и гранки во неколку населби.

Од силниот ветар падната е и дел од кровната конструкција на средното електро-машинско училиште „Коле Нехтенин“. Највисокиот дел од кровот на училиштето заврши на другата страна на објект, кој се наоѓа до самото училиште. За среќа нема повредени ученици и вработени, ниту уништени автомобили. Директорката на Средното општинско училиште (СОУ), Јованка Шалева изјави дека учениците се безбедни.

На лице место беа пожарникарите од ТППЕ-Штип како и екипи од ЈП „Исар“, кои посочија дека дел од кровот кој паднал на друг објект ќе биде отстранет, со цел да не се предизвика дополнителна штета. Исто така се разгледуваа сите околности да се преземат мерки и активности да не дојде до паѓање и на друг дел од кровот на училиштето.

Од ЦУК информираат дека неколкупати е известена и дежурна служба на ЕВН за ризични електрични столбови, кои се навалени и исфрлаат искри од жиците, поради последиците од ветерот и тоа на териорија на општините Штип, Кочани и две села. Според известувањата на УХМР има портокалов предупредување за ветер. Исто така се апелира граѓаните да бидат внимателни и да не се движат на места каде има високи дрва со цел да се заштитат.

 

Слични содржини