Претседателката Гордана Сиљановска Давкова прими претставници на Националната установа Филхармонија по повод 80-годишнината од нејзиното основање.
На средбата на која присуствуваа Александар Котевски, в.д. директор, поранешните директорки Мелпомени Корнети и Маја Чаначевиќ, концерт-мајсторот Анна Кондратенко, концерт-мајсторот во пензија Румен Димитриев, како и Ангелина Димоска од Националната установа Филхармонија, претседателката Сиљановска Давкова честитајќи го големиот јубилеј, истакна дека оваа значајна културна институција како единствен постојан претставник на симфониското творештво на македонската музичка сцена, со својот богат и разновиден репертоар ја привлекува домашната и светската публика.
Претседателката оцени дека во изминативе години преку своите незаборавни концерти во земјава и ширум светот кои содржеле дела од светски класици, но и од македонски музички великани, Филхармонија градела свој специфичен имиџ по кој денес е препознатлива институција.
На средбата, претставниците на Филхармонија ја запознаа Претседателката со роденденската сезона насловена „Одисеја” исполнета со настапи и изведби на врвни странски и македонски солисти, ремек-дела на симфонизмот, концертно музицирање и премиерни изведби на дела од домашни музички творци. Тие информираа и за програмската политика на оваа институција која содржи нова форма на изразување збогатена жанровски и естетски за различни профили на публика, а која вклучува и едукативни симфониски концерти за најмладите.