Аморим: Јас не сум Мурињо, но сум вистинскиот човек за Јунајтед

од Vladimir Zorba
25 прегледи

Рубен Аморим го наследи Ерик Тен Хаг на клупата на Манчестер Јунајтед и стана четврти тренер на Јунајтед во последните три години. Но, на „Олд Трафорд“ сметаат дека човекот кој го направи Спортинг еден од најатрактивните тимови во Европа е вистинското и долгорочно решение за пропаднатиот англиски гигант.

Првиот натпревар на клупата на својот нов клуб Аморим ќе го има в недела на гостувањето кај Ипсвич, а пред тој натпревар ја одржа првата прес-конференција како тренер на Јунајтед.

„Имам некои свои идеи за тоа како треба да играме. Не велам дека ова се најдобрите идеи, но јас така гледам на фудбалот. Тоа не е ниту еволуција, ниту револуција, туку промена на начинот на размислување и играње. Овој тим премногу ја губи топката, трчаше премалку и мислам дека сите го видоа тоа. Ќе промениме многу малку ситници кои се клучни, а таму секако можам многу да им помогнам на играчите“, изјави Аморим.

Во преполната прес-сала на „Олд Трафорд“, имаше повеќе од десет португалски новинари, кои патуваа со Аморим на неговиот прв натпревар. Тој беше прашан дали може да се спореди со Жозе Мурињо, кој беше и менаџер на Јунајтед.

„Јас сум поинаков. Жозе е тренер кој може да победува секаде и да освојува трофеи и тоа го има докажано многу пати. Тој беше шампион на Европа, јас не. Јас сум различен тип во сосема друго време, но убеден сум дека сум вистинскиот човек. Млад сум, знам како размислуваат играчите и знам како да им помогнам“, одговори Аморим.

Португалецот освои две првенствени титули со Спортинг во 2021 година и оваа година, а на 231 натпревар на клупата забележа 164 победи, 34 нерешени и 33 порази.

Слични содржини