Германците не можат да веруваат на што сака армијата да потроши 825 милиони евра: „Луѓе, имаме војна во соседството!“

од Nikola Popovski
106 прегледи

Германското Министерство за одбрана покрена план за набавка на нови свечени униформи за членовите на Бундесверот, што предизвика бурни реакции во политичките кругови и во јавноста. Според медиумите, трошоците за набавка се проценуваат на дури 825 милиони евра, а некои политичари предупредуваат дека тоа е погрешен приоритет во време кога Германија треба да ги интензивира инвестициите во одбранбените капацитети поради војната во Украина.

Планот за модернизација на службените униформи на Бундесверот не е нов. Одлуката за овој проект беше донесена уште во 2018 година, но потоа беше одложена со цел да се пренасочат средствата за поитна модернизација на борбената опрема. Портпаролот на Министерството за одбрана посочува дека изминатите години успешно се вршеше модернизација на клучните борбени униформи и опрема, со што се создадени услови за продолжување на проектот за обновување на службената облека.

Проектот вклучува набавка на нови свечени униформи што ќе ги користат членовите на Бундесверот за различни официјални и свечени прилики, како што се паради, заклетви и комеморации. Униформите ќе ги носат и војниците кои работат во внатрешната служба во командите или на интегрирани позиции во НАТО и ЕУ.

Трошоците за овој проект се распоредени до 2032 година, а според извештајот на весникот „Bild am Sonntag“ од вкупната сума од 825 милиони евра, дури 306 милиони се веќе договорно обврзани, но се уште не се потрошени. Министерството бара дополнителни 519 милиони евра за завршување на проектот, за што Комисијата за буџет треба да расправа на следната седница.

Политички несогласувања и одложување на одлуката

Експертот за буџет на СПД, Андреас Шварц, смета дека моменталната буџетска состојба не дозволува ваков проект. Шварц во изјава за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ посочи дека има повеќе приоритетни набавки, како што се муниција и возила и нагласи дека одлуката за униформите треба да се одложи до следниот мандат.

Иако проектот беше планиран во овој законодавен дом, има се погласни политички сигнали кои укажуваат на одложување. Изјавата на Шварц следи по низата критики во политичката сцена, каде што се поставува прашањето дали формалните униформи се навистина неопходни во време кога Германија се соочува со се поголеми безбедносни предизвици.

Најгласниот критичар на проектот е претставникот на ЦДУ, Инго Гедеченс, кој го нарече проектот „апсурдно поставување на приоритети“. Гедехенс предупреди дека униформите „нема да го направат Бундесверот уште малку поподготвен за борба“ и изјави дека сумата од 825 милиони евра е неверојатно голема и отвора многу прашања за значењето на таквото трошење.

Важноста на униформите и инвестицискиот контекст

И покрај критиките, германското Министерство за одбрана го оправдува проектот, нагласувајќи дека новите униформи се клучни за војниците кои секојдневно ги носат во внатрешната служба и на меѓународните обврски. Портпаролот на Министерството посочува дека униформите кои се користат во моментов се застарени и дека треба да се прилагодат на современите стандарди за квалитет и издржливост.

Исто така, Министерството потсети дека модернизацијата на униформите не се однесува на борбени униформи, туку на службена облека која има посебна улога во репрезентативните должности на Бундесверот. На пример, припадниците на копнените сили во секојдневните оперативни задачи користат борбена униформа со камуфлажна шема, која е прилагодена и за кризни ситуации. Официјалните униформи, сепак, имаат важна симболична и функционална улога во официјалните церемонии и дипломатски настани.

Планот за набавка на униформи доаѓа во време кога Германија ги интензивира инвестициите во одбранбените капацитети поради војната во Украина. Сојузниот министер за одбрана Борис Писториус вчера повторно ја истакна потребата од зајакнување на германската армија, особено во контекст на руската агресија. Писториус предупреди дека Германија мора да ги зголеми трошоците за клучна опрема за да обезбеди сопствена одбранбена способност.

Фото: Bundeswehr / Elian Hadj Hamdi

Слични содржини