Министерството за животна средина и просторно планирање остро реагира на изјавата на советничката на Град Скопје Ирена Витина, за обезбедувањето на 6-те еколошки автобуси и ја оценува како тендециозна, навредлива и со цел да се намали кредибилитетот на институцијата и на министерот Изет Меџити.
-МЖСПП ја информира јавноста, а особено спомената советничка која не е доволно информирана, дека набавката на овие автобуси е само една активност од акциската ЕУ програма за еколошки стандарди и чист воздух и е дел од целосната Програма за животна средина и климатска акација во рамки на ИПА 3 помошта од ЕУ, стои во реакцијата.
Активностите од оваа Програма се испрограмирани на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање во координација со сите вклучени страни, меѓу кои е и Градот Скопје, одобрени од Владата РСМ и прифатени од страна на ЕУ Комисијата за финасирање.
-Програмата за чист воздух содржи повеќе компоненти за кои повеќе пати сме информирале, се спроведува под директно управување од страна на Делегацијата на Европската Унија. Министерството за животна средина и просторно планирање е одговорно за следење на имплементацијата на Програмата и е корисник на истата, а конретно на оваа активност Градот Скопје е краен корисник.
Нагласуваме дека МЖСПП ги програмира сите активности што се финансираат ЕУ инструментот ИПА, ја следи имплеменатцијата и известува кон ЕУ Комисијата за постигнатите цели од реализација на ИПА проектите.
Добро би било советничката на Град Скопје Ирена Витина подобро да се информира пред да излезе во јавност со вакви невистини. Дополнително за нејзино информирање, покрај грант средставата од ЕУ, Владата на Република Северна Македонија обезбедува и национална контрибуција за целата Програма, порачаа од Министерството со кое раководи Меџити.
Витина се огласи по повод овие најави на Меџити, и кажа дека дека автобусите се финансирани од ЕУ, и дека министерот нема никаков придонес.
-Срамен е обидот на пласирање континуирани невистини од страна на Изет Меџити кој очигледно по 5 месеци бидејќи нема ниту еден свој проект, мора да се фали со проектите кои ги обезбедил градот Скопје. Министерот Меџити нема никаков допринос за град Скопје да добие 6 автобуси, ниту досега му помогнал на градот во било кој друг сегмент за справување со загадувањето, иако неговата е една од 14 институции кои имаат надлежност за постапување, вели Витина.
Според советничката, шесте еколошки автобуси се резултат на проектот на кој Град Скопје аплицираше до ЕУ, на кој веќе 2 години активно работи секторот за меѓународна соработка а го набавката ја реализира УНОПС.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање уште на почетокот на месец октомври најави дека Град Скопје ќе добие 6 еколошки автобуси, но не кажа повеќе детали.