Една од најубавите жени на светот, кубанската актерка Ана Де Армас (36), неодамна беше видена на романтична прошетка. Таа беше придружувана од Мануел Анидо Куеста, кој е посинок на кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел Бермудез, што не наиде на одобрување.
Кубанската актерка сега е мета на критики и е обвинета дека излегувала со „посинокот на диктаторот“, и дека побегнала од Куба токму поради таа диктатура и лошите услови за живот, пишува „Дејли мејл“. Актерката се преселила од Куба во Шпанија на 18 години и ја започнала својата актерска кариера.
Имено, многумина истакнуваат дека претседателот Дијаз-Канел ја продолжил доктрината на диктаторот Фидел Кастро, која не дозволува опозициски партии или протести против владејачката партија. Тој е обвинет и за големи прекршувања на човековите права.
„Ана де Армас ја напушти Куба за да продолжи со кариерата и животот во Америка, за на крајот да биде во врска со посинокот на кубанскиот диктатор. Ова е лошо, многу лошо“, се само дел од негативните коментари на социјалните мрежи, поради што актерката ги ограничи коментарите на својот Инстаграм профил.