Наскоро се отвора првата линија на метрото во Солун

од Vladimir Zorba
32 прегледи

Жителите на Солун по 18 години чекање конечно ќе можат да го користат метрото за превоз низ градот. На социјалните мрежи е објавено и видео од пробно возење на првата линија на солунското метро.

На видеото се гледа „движењето на возот од станицата Папафи до другите станици, како и трасата низ која минуваат возовите“.

Должината на линијата на метрото во Солун е 9,6 километри и има 13 станици и едно складиште на возниот парк каде што ќе се паркираат возовите по завршувањето на сообраќајот.

Сообраќајот ќе се одвива со 18 автоматски возови од најновата генерација, без машиновозачи, целосно климатизирани, а за максимална безбедност на патниците, на пероните на секоја станица ќе бидат поставени автоматски врати.

Возовите првично ќе сообраќаат три и пол минути, а потоа интервалите постепено ќе се скратуваат. На крајот, патувањето помеѓу две метро станици ќе трае околу минута и половина.

Дневно ќе сообраќаат 18 автоматски возови со просечна брзина од 30 километри на час, поминувајќи го растојанието меѓу терминалните станици за 17 минути, превезувајќи 18.000 патници на секој час.

Се очекува метрото дневно да превезува 313.000 патници, што ќе придонесе за решавање на сообраќајниот проблем во градот.

Министерот за инфраструктура и транспорт Никос Тахиадос објасни дека метрото во првата фаза ќе го реши проблемот со пристапот до центарот на Солун. На овој начин ќе се олеснат сите улици кои водат кон центарот на градот, што ќе и овозможи на градската управа на Солун да продолжи со плановите за одржлива урбана мобилност.

Вкупната вредност на проектот е 2,082 милијарди евра, а цената на билетот, како што најави министерот за инфраструктура и транспорт, Христос Стаикурас, ќе биде половина од онаа во Атина и ќе изнесува 0,60 евра.

Слични содржини