Јавното претпријатие за државни патишта презема активни мерки за намалување на бројот на возила кои избегнуваат плаќање на патарина, и во таа насока во соработка со Министерството за внатрешни работи и Инспекторатот за транспорт и сообраќај изминатиов период беа организирани 13 контролни акции.
Имено, инспекторите за транспорт со асистенција од МВР спроведоа контроли на наплатните станици Гостивар, Тетово, Желино, Петровец, Миладиновци и Отовица при што беа изречени мандатни казни од по 200 евра на сите кои се обиделе да избегнат плаќање на патна такса.
Од ЈПДП напоменуваат дека и во периодот што следи ќе продолжат со зајакнати контроли на наплатните станици на Коридорите 8 и 10.
ЈПДП побара и поголема ангажираност и од страна на стручните служби, поточно од контролорите во Контролниот центар, за преземање на поактивни мерки за намалување на бројот на возила кои избегнуваат плаќање на патарина, како и процесирање на избегнувањето плаќање преку соодветно фактурирање и достава на фактури за ненаплатена патарина до корисниците на автопатски услуги кои не плаќаат патарина.
На почетокот на месец октомври беше објавено дека полицајци со приватни возила поминале 959 пати на патарина без да платат. Кривично ќе одговараат 12 припадници на МВР и 6 вработени на патарината Романовце. Полицајците се здружиле со службениците и им дале список на регистарски таблички на возила за да им креваат рампа бесплатно.
Го оштетиле државниот буџет за околу 1000 евра, што во период од први јануари до 15 август годинава минувале без да платат билет. Случајот е регистриран на видео-камерите на наплатната.