Борисов ја повлекува кандидатурата за премиер на Бугарија: Не сакам повеќе да се занимавам со оваа земја

од Nikola Popovski
132 прегледи

Лидерот на централно-десничарската бугарска партија ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов ја повлече својата кандидатура за премиер на Бугарија и одлучи да го врати мандатот за формирање влада.

„Не сакам повеќе да се занимавам со оваа земја. Ќе го вратам мандатот штом го добијам“, рече Борисов на прес-конференција, пренесуваат бугарските медиуми.

Борисов ја донесе одлуката по неуспешните коалициски преговори по парламентарните избори во октомври, на кои ГЕРБ освои најмногу гласови, но без доволно мнозинство за самостојно да формира влада.

Минатата недела Борисов ѝ понуди на коалицијата „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) да ја поддржи кандидатурата на Атанас Атанасов за претседател на Собранието, под услов да формираат заедничка влада со него како премиер, но тој предлог бил одбиен.

ПП-ДБ е против кандидатурата на Борисов, а коалицијата побара и од ГЕРБ да се обврзе да не коалицира со партијата на Делјан Пеевски, ДПС-Нов почеток која е под санкции за корупција.

Парламентот се уште е блокиран, а пропаднаа и обидите за избор на претседател на Собранието.

На денешната собраниска седница повторно треба да помине предлогот за кандидатурата на Раја Назарјан за претседател на Националното собрание.

Октомвриските избори беа седми предвремени парламентарни избори во Бугарија во последните три години.

ГЕРБ освои 69 мандати, ПП-ДБ 37, а Преродба 35. За да формира мнозинска влада, ГЕРБ ќе мора да обезбеди поддршка од најмалку двајца коалициски партнери.

Слични содржини