ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение го изразува незадоволството од новите членови на ЦО на СДСМ. Според партијата на власт, поранешната претседателка на Сорос во Македонија, Викторија Аврамовска Мадиќ не може да биде ново лице на СДСМ.
Од партијата велат дека „Аврамовска Мадиќ ja интересираат само големи месечни хонорари и е специјалист за местење и добивање државни тендери“.
-Додека Аврамовска Мадиќ била државен функционер, односно секретар во Град Скопје, фирмата на нејзиниот зет доби тендер од градот за набавка на противпожарна скала во вредност од 1,7 милиони евра. А иста таква противпожарна скала, градската управа на Загреб ја набавила за 800 илјади евра. Што значи дека во периодот кога Аврамовска Мадиќ е секретар во Град Скопје, преку фирмата на зетот, градска каса ја оштетиле за 900 илјади евра.
Фирмата на зетот на Аврамовска Мадиќ во време на владеење на СДС добивал и други тендери, чијашто вредност надминува четири милиони евра, критикуваат од партијата на Христијан Мицкоски.
Аврамовска Мадиќ беше заменик-министерка за правда во последниот мандат од владеењеето на СДСМ.
По конгресот на СДСМ и изборот на нови членови на Централниот одбор низа реакции во јавноста. Претседателот Венко Филипче вети нова визија, нов почеток, нова сила и одлична енергија.
Со свои ставови и сопартијци кои не присуствуваа. Јован Деспотовски, еден од истакнатите членови на партиското претседателство во три мандати вели дека не добил покана како гостин.
-Немам ограда да ги кажувам работите така како што се, туку ако си ги криеме работите, не му правам услуга на СДСМ. СДСМ во моментов нема луксуз да си дозволи да ги губи луѓето, па и сите партии, а СДСМ најмалку. Ако партискиот врв излегува во јавност и кажува дека ќе подаде рака кон сите, што е проблемот за покана…Јас не патам затоа што не ме поканиле, но тоа е само индикатор дека некои работиме ги зборуваме, а праксата си останува иста, кажа Деспотовски.
-Си требиме крвни зрнца. Добар број на луѓе кои што во изминативе месеци се чувствуваат тргнати по настрана, затоа што во даден момент на внатрепартиските избори имале друг став или поддржувале друг кандидат. За партија како СДСМ тоа никогаш не било случај. Не можеме да дозволиме да ги губиме луѓето, додаде членот на СДСМ.
Од поставените кадри власта не очекува конструктивна опозиција, премиерот Христијан Мицкоски смета партијата и во иднина ќе продолжи со конструкции, измислици, дневни навреди. Локалните избори ќе бидат тест за новото раководство.
Партијата избра нов Централен одбор и Каранфиловска-Пановска за заменик на Филипче. Во текот на денов на седница на ЦО ќе бидат избрани членовите на извршниот одбор, потпретседатели и секретари на социјалдемократите.