Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов рече дека на големиот работнички протест на 1-ви мај побарале на минималната плата и тогаш како синдикат сметале дека 450 евра е неопходно бидејќи минималните плати во соседството биле во тие граници.
Според него, потребен е поголем исчекор за раст на платите, иако, како што вели, има позитивни сигнали од Владата, а како пример го наведува зголемувањето на платите на здравствените работници и донекаде со платите во образованието.
Дијалогот за минималната плата е отворен и аргументите се наша страна, истакна Трендафилов.
-Ако знаете дека 800 евра е минимална плата во Црна Гора, во БиХ ќе биде 600 евра од 1 јануари, а во Србија е 450 евра, платите овде мора да се зголемат. Разговараме по ова прашање и мислам дека на наредната седница на Економско-социјалниот совет ќе ги презентираме нашите аргументи за да ги убедиме за потребата од растот на сите плати, како и минималната, рече тој по конференцијата „Управување со недостигот на работна сила во одредени занимања во Северна Македонија“ во организација на Меѓународната организација на трудот, додавајќи дека „мора да се убедуваат“ за покачувањето на платите.
Првиот синдикалец во државата е дециден дека веќе не можете да најдете работник кој ќе работи за минимална плата или плата под просечната и да биде продуктивен толку што планирате да биде.
-Треба сите да ги загрижи податокот што 12,5 илјади градежни работници се иселиле од Македонија заради лошите политики во изминатите 7 години, наведе Трендафилов, констатирајќи дека „газдите во приватниот сектор никој не треба да ги жали, најмалку ние синдикатите“.