Аморим загрижен за недостатокот на голови: Мора да се подобриме како тим

од Vladimir Zorba
18 прегледи

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим, во пресрет на дебито пред домашните навивачи утре на „Олд Трафорд“ во дуелот од Лига Европа против Бодио/Глимт, детално одговори на многу прашања. Португалецот стартуваше на чело на „црвените ѓаволи“ со реми против Ипсвич во неделата, а 20-кратниот шампион сега е под притисок да победи бидејќи моментално се наоѓа на само 16-то место во новиот формат на турнирот, со само шест бода од четири средби.

„Многу луѓе ми рекоа дека тоа ќе биде посебен момент. Пред натпреварот ќе има малку возбуда, но кога ќе започне ние само ќе сакаме да победиме. Важно е да можеме да го направиме тоа, особено во овој момент, бидејќи сме на почеток на процес и играчите треба да чувствуваат дека се дел од сето тоа. Секако, ќе треба да направиме некои ротации. Има одредена поделеност во тимот бидејќи имаме многу натпревари, но ни треба и време за тренинг. Во исто време, ако Бруно Фернандеш, на пример, игра утре, тогаш потоа нема да може да тренира со полна брзина и ќе мора да прави само лесни активности. Значи, постои одредена поделба помеѓу турнирите. Така, со некои кои не играат, следниот ден ќе можеме да одработиме вистински тренинзи, да пробаме нови работи или нови позиции“, започна Португалецот.

Потоа се сврте конкретно кон своите играчи. Аморим призна дека Лисандро Мартинез, кој се очекуваше да биде надвор од терените некое време, ќе биде на располагање, но Хари Мегваер продолжува да се опоравува, како и Лени Јоро.

„Лисандро е подготвен, но Хари се уште не е. И двајцата тренираат, но се во многу поинаква ситуација. Наскоро и Хари ќе може да се врати. Лени Јоро исто така тренира, но сега работиме на неговата физичка подготвеност, што е многу важно. Тој е младо момче и ова е огромен клуб и многу е важно каков прв впечаток ќе оставите, па ќе се обидеме да го избереме вистинскиот момент бидејќи тој е голем талент“, објасни тренерот.

Аморим призна дека во неговиот штаб постои загриженост поради недостигот на голови во тимот од почетокот на сезоната, но тој сака тимот да расте во целина. Поранешниот тренер на Спортинг (Лисабон), исто така, посочи дека позицијата на Маркус Рашфорд можеби не била најдобра на натпреварот во недела, и тој треба повторно да биде свој.

Тој исто така повторно беше принуден да ја коментира темата за неговата избрана шема и дали „црвените ѓаволи“ повторно ќе излезат со тројца во одбрана.

„Да, повторно ќе излеземе со тројца во одбрана, мораме и кога зборувам за нашата структура, верувам дека можеме да играме во различни системи. Против Ипсвич всушност се браневме главно во формација 4-4-2 бидејќи Амад Диало најчесто се соочуваше со противничкиот лев бек, но во денешно време секој тим мора да може да ја промени динамиката и мислам дека нашата сила е токму во тоа што можеме да ја промениме формацијата. Имаме малку време за тренинзи и ќе ми биде потешко со толку многу натпревари, но ќе се обидам да им помогнам на момците. Дали сум загрижен за недостатокот на голови? Секако, има некои грижи од тој аспект, но мислам дека треба да се подобриме како тим. Против Ипсвич ја контролиравме топката во вториот дел, но не бевме опасни. Имаме квалитетни играчи кои можат да постигнат гол. Расмус Хојлунд, Маркус Рашфорд, Бруно Фернандеш се сите играчи кои можат да постигнат гол. Можеме да постигнеме многу, но тие мора да се подобрат и ние како цел тим. Му реков на Рашфорд дека можеби неговата позиција против Ипсвич веројатно не е најдобра за него бидејќи се спротивстави со тие цврсти, физички дефанзивци, па ќе се обидеме да го најдеме вистинското решение за него. Но, пред се тој треба да биде Маркус и сите да му помогнеме“, заклучи Аморим.

Слични содржини