Трамп: Јужната граница на САД ќе биде затворена

од Nikola Popovski
88 прегледи

Два дена откако новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе нови високи царини за Канада и Мексико како дел од напорите за сузбивање на илегалната миграција и дрогата, додаде дека разговарал со мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум и дека „таа се согласила да ја запре миграцијата преку Мексико“.

Во синоќешната објава на својата социјална мрежа „Truth Social“, Трамп информира дека „јужната граница на САД всушност ќе биде затворена“, и дека имал многу продуктивен разговор со претседателката на Мексико.

Мексиканската претседателка Шејнбаум потврди дека разговарала со Трамп и изјавила дека имале одличен разговор.

– Разговаравме за мексиканската стратегија за мигрантските прашања и му реков дека караваните не стигнуваат до северната граница (со Америка) затоа што Мексико се грижи за нив, напиша Шејнбаум на социјалните мрежи.

– Разговаравме и за зајакнување на соработката за безбедносни прашања во рамките на нашиот суверенитет и кампањата што ја водиме за спречување на конзумацијата на фентанил, додала таа.

Како што пренесува агенцијата АП, не е јасно како овој разговор ќе влијае на планот на Трамп за воведување нови царини.

Во понеделникот, Трамп рече дека ќе воведе царини од 25 отсто за сите производи кои влегуваат во земјата од Канада и Мексико како една од неговите први извршни наредби по преземањето на функцијата на 20 јануари.

Во објавувањето на тие планови на својата мрежа „Truth Social“, Трамп го критикуваше големиот прилив на мигранти кои илегално доаѓаат во САД, иако бројот на илегални мигранти приведени на јужната граница на САД со Мексико е на најниско ниво во последните четири години, пишува АП.

Бројот на илегални пристигнувања на мигранти преку мексиканската граница делумно се намали затоа што администрацијата на претседателот во заминување Џо Бајден обезбеди зголемена соработка за спречување на миграцијата од Мексико, токму она што Трамп се чини дека го слави сега.

Слични содржини