„Лајка“ до Кирков: Ефикасното функционирање е попречено поради долговите кои градоначалниците од ВМРО ДПМНЕ не ги плаќаат веќе 3 години иако имаат обврска

од Nikola Popovski
43 прегледи

„Најголемата радост годинава е признанието на советникот во Град Скопје од редовите на Мицкоски, Стефан Кирков кој јасно и гласно од говорница вчера призна дека кога ќе се смени градоначалничката Арсовска, ќе ги одблокираат претпријатијата и така Лајка и сите претпријатија ќе профункционираат.

Убаво советнику што ќе ги одблокирате претпријатијата само ако ваш послушник има за градоначалник, ама не ќе беше лошо на јавноста да и кажете дека ефикасното функционирање на ЈП Лајка е попречено поради долговите кои ВАШИТЕ градоначалници од ВМРО ДПМНЕ не ги плаќаат веќе 3 години иако за тоа имаат обврска“, велат од ЈП „Лајка“ како реакција на вчерашниот говор во Советот на Град Скопје на советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков.

Од скопското јавно претпријатие информираат дека годишно секоја од скопските општини има обврска да исплати по два милиони денари за ЈП “Лајка“, а тие тоа не го прават. Како за пример од вкупно 10 општини во 2022 година средства исплатиле само 3, а за да има резултати „Лајка“ треба да постапува во сите 10 општини и досега долгот од општините кон ЈП “Лајка“ е 22 милиони денари.

-Ако сите општини си ги исполнуваат обврските, претпријатието ќе биде уште поефикасно. За жал сега штетата за каснување на територија на овие општини ја плаќаат ЈП „Лајка„ и градот Скопје, а општините своите финансиски обврски не ги исплаќаат. Доколку сите 10 скопски општини си ги плаќаат обврските, претпријатието ќе работи сигурно и одржливо, а со тоа би се решил и проблемот со исплаќање оштети за каснување од бездомно куче, наведуваат меѓу другото од „Лајка“.

Вчера Кирков на седницата на Советот го коментираше финансискиот извештај за целокупното работење на ЈП Лајка заклучно септември оваа година. Кирков напомена дека претпријатието Лајка нема видливи резултати, исто така посочи дека единствено што може да се забележи е исполнети билтени на МВР од луѓе кои се нападнати од кучиња и незадоволни туристи.

Според советникот доколку се разгледа детално финансискиот извештај она што јасно се забележува е одлевање на огромна сума на пари од касата на Град Скопје. Јавно побара да добие одговори од надлежните на ова претпријатие се со цел да може да биде известена македонската јавност.

Како што додаде тој, сите претпријатија кои се под капата на Град Скопје ќе профункционираат кога ќе дојде до смена на градоначалничката Данела Арсовска.

Слични содржини