Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески бара од градоначалничката Данела Арсовска да сноси одговорност за, како што вели, диверзијата во јавниот градски превоз. Според него, по киксот со ЈСП Скопје, „Арсовса ги подбуцнува приватните превозници да прават проблеми во градскиот превоз“.
Славески смета дека градоначалничката ги толерира приватните превозници, иако како што информира тој, тие 4-5 месеци наназад не се држат до потпишаните договори кои важат до мај 2025 година.
За барањето на приватниците за повисока цена за изминат километар, претседавачот со Советот посочи дека ЈСП Скопје ги прибира парите од билетите и согласно одлука им исплаќа на приватните превозници. Прашува како ова ќе се одрази на приходите на ЈСП Скопје.
Славески оценува дека зборовите на Арсовска „охрабри се Трајко“ се манипулација. Тој упати и порака до приватните превозници.
-Таа е непредвидлива жена и може да ви го направи истото што го направи со вашите претходници од пред две години. Може да ви ги укине лиценците и да ве остави без леб, кажа претседателот на Советот во изјава за медиумите.
Тој посочи дека доколку состојбата ескалира и приватниците излезат да блокираат улици и раскрсници, во случај на кризна состојба како што е сега прогласена, се носат булдожери и се расчистуваат улиците.
-Како може некој да блокира? Не може некој да блокира улици во кризна состојба. Не може некој да си поигрува со граѓаните и нивната можност да стигнат до работното место или училиште, кога станува збор за една ваква витална дејност. Ако Владата прогласила кризна состојба, должна е да ги искористи сите инструменти и мерки за непречено одвивање на сообраќајот. Може да го реши проблемот. Јас не сум Влада. Прашајте ја Владата (дали ќе дозволи блокади), додаде Славески.
Приватните превозници од денеска не сообраќаат, а во сообраќај се само автобусите на ЈСП. Тие најавија дека од понеделник може да блокираат улици низ Скопје доколку до крајот на неделава нема разговор со надлежните градски служби, во врска со нивните барања.