Првиот полицаец во државата, Панче Тошковски информираше дека МВР веќе привела осум лица поврзани со вчерашните инциденти, меѓу кои беше и сквернавењето на македонското знаме на неколку места во Скопје и Македонија. Четири лица сториле прекршок – учество во тепачка и по нив ќе се преземат соодветни дејствија.
Други четири лица се уапсени заради тоа што против нив има основано сомнение за кривично дело кое се однесува на предизвикување национална, расна и верска основа, раздор и нетрпеливост, каде што е предвидена минимална казна од една година затвор. Еден од уапсените е малолетник, а тројца се полнолетни лица.
-Станува збор за млади лица 18,19,20,21 година кои што во текот на вчерашниот ден го сториле ова кривично дело. Тие се приведени и се наоѓаат во полициска станица. Ќе бидат изнесени пред суд, а потоа судот ќе одлучи во рамките на своите надлежности, рече Тошковски во изјава за медиумите.
Додаде дека ќе има уште многу лица кои ќе бидат повикани на разговори и вклучени во истражните дејствија.
-Во текот на вчера, МВР постапи соодветно и во делот на превенција и во делот на репресија. Ова огромна разлика во тоа што претходно изнесуваа информации во јавност, го споделуваа во јавност, кажа министерот.
Тој оцени дека македонската полиција покажала зрелост и професионалност и одговорила соодветно на сите предизвици, по повод вчерашната прослава на денот на албанското знаме.