Ливерпул го победи Манчестер Сити со 2:0 (1:0) и со тоа ја продлабочи кризата на тимот на Пеп Гвардиола каква не памети во кариерата. По шести пат во последните седум натпревари, Сити доживеа пораз (само нерешено 3:3 против Феенорд и тоа по водството со 3:0), а навивачите на „Енфилд“ поради ова дури и му пееја на Гвардиола: „Ќе те отпуштат изутрина…“.
Секако, тоа нема да се случи со оглед на тоа што Гвардиола неодамна доби нов договор. Шпанецот имаше и одговор за навивачите на Ливерпул – со прсти им го покажа бројот „шест“ – колку што титули има освоено со Сити откако дојде до Англија.
PEP GUARDIOLA. 😭🏆🏆🏆🏆🏆🏆 pic.twitter.com/MtxEUEs3k4
— City Xtra (@City_Xtra) December 1, 2024
Седмата изгледа ќе треба да почека уште малку бидејќи со овој пораз, Манчестер Сити е на 11 бода од Ливерпул, што никој не го очекуваше по само 13 кола. Сити сега падна на петтото место и има ист број бодови како Брајтон и еден помалку од Нотингем Форест. Ливерпул е убедливо прв со 34 бодови, а го следат Арсенал и Челзи со по 25 бодови. Повеќе е од јасно дека тимот на Арне Слот е во „пол“ позиција да ја освои титулата во својата дебитантска сезона во Англија.
Ливерпул поведе на крилјата на Мохамед Салах, кој во 12. минута асистираше до Коди Гакпо, а потоа во 78. минута погоди од пенал и донесе победа на својот тим. Пред тоа, Ливерпул пропушти уште неколку големи шанси, додека Сити навистина не беше ни блиску до претходното ниво на фудбал.