Поранешниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изразил уверување дека привременото отстапување територии на Русија ќе биде опција за брз крај на војната и фронтот во Украина.
„Потребна ни е линија за прекин на огнот и, се разбира, идеално би требало да ги покрие сите територии кои Русија во моментов ги контролира, но гледаме дека тоа не е многу реално во блиска иднина. Украина би можела привремено да се откаже од дел од своите територии за таа цел“, рекол тој, пренесува „Тагешау“.
Столтенберг исткнал и дека е важно владата во Киев да добие безбедносни гаранции во замена за привремени територијални отстапки.
Според него, тоа би можело да биде членство во Алијансата, но, како што забележува, има и други начини за вооружување и поддршка на Украинците.
Враќањето на Доналд Трамп на функцијата претседател на САД треба да ги забрза мировните преговори меѓу Украина и Русија. Ова е едно од ветувањата што ги даде за време на изборната кампања.
Неодамна, украински официјални лица изјавиле за „Њујорк Тајмс“ дека гаранциите од рускиот претседател Владимир Путин, односно дека Русија нема да започне понатамошна агресија, ќе им бидат поважни од какви било спорови за територија. Меморандумот од Будимпешта во 1994 година требаше да го гарантира истото, но не ги спречи Русите да го заземат Крим и да ја нападнат Украина пред речиси три години. Затоа сакаат поцврсти и поконкретни гаранции.