Фискалниот совет, државна институција чиј основач е Собранието, по однос на Фискалната стратегија (2025-2029) до законодавниот дом достави мислење со кое бара во 2026 година да се зголеми старосната граница за одење во пензија. За стратегијата што ја усвои владејачкото мнозинство стои препорака, старосната граница за остварување на право за пензија на мажи и жени да се помести на 67 години.
За ваквите најави реагираа од партијата Левица. Велат дека доколку власта посегне по ваква пензиска политика, неминовно од македонските работници ќе создаде слуги и го повикуваат Фискалниот совет да го преиспита своето мислење.
-Оттука, ја предупредуваме оваа, како и секоја идна Влада да не си игра со маката на работниот народ. Доколку сакаат интервенираат во ФПИОМ, тогаш нека почнат од нивните функционери кои го доведоа во ваква состојба! Повикуваме, Фискалниот совет да ги преиспита своите мислења. Потребно е спроведување стратешки политики во реалниот сектор кои ја подобруваат положбата на работниците, во спротивно бранот на иселување на млада и стручна работна сила нема да биде спречен, а со тоа нема да се спречи и намалувањето на придонесот во ФПИОМ, порачаа од партијата на Димитар Апасиев.